Соработка

Донациите им помагаат во самостојниот живот на децата без родители

Здружението на децата без родители од детските домови на Република Македонија „Иднина” од Скопје во соработка со „Т - Мобиле” организира хуманитарна акција за помош на децата без родители, кои ги напуштаат детските домови. Се собираат пари, облека и покуќнина за полнолетните штитеници кои оваа година ќе мораат самостојно да зачекорат во животот, а поради законска обврска по навршувањето на 18 години да ги напуштат домовите за деца без родители. Годишно во просек излегуваат по дваесетина штитеници, а Здружението „Иднина” за нив, од 1 јуни започна хуманитарна акција сe со цел да им го олесни осамостојувањето во животот што им претстои надвор од институциите на системот.

Акцијата ќе трае и наредниот месец до кога ќе бидат отворени двата мобилни телефони 070 143-123 и 070 655-489 на кои со едно јавување граѓаните ќе можат да донираат по 100 денари. Од „Иднина” велат дека најмногу им се донира облека. Од Куманово и Тетово добиле 24 душеци, а од средствата што ги обезбедиле адвокати и нотари од Македонија, биле купени пет машини за перење и пет мини шпорети.

„За младинците кои ќе мораат понатаму сами да се снаоѓаат во животот обезбедивме и 60 правосмукалки, 40 пегли и 50 електрични чајници. Купивме и еден фрижидер за потребите на здружението. Испративме 150 илјади писма низ  Македонија до фирми и претпријатија, кои евентуално би можеле да ни донираат нешто, вели Илија Јовановиќ, претседател на „Иднина”.

Јовановиќ додава дека премиерот Никола Груевски им доделил 10 илјади евра, а за потребите на Здружението, особено за преселба на младинците од него добиле и користено комбе „рено трафик” од 1991 година. Акцијата, велат, е отворена и очекуваат дека ќе обезбедат кревети, душеци, плакари, постелнина, како и други неопходни делови од покуќнина.

Дел од донираните предмети и средства ќе им бидат поделени и на младите кои по 26 година, законот ги обврзува да ги напуштат становите  во кои ги смести државата.  

С.К.


Донација на Холандската амбасада во Македонија

За поддршка на културата во општините,194.000 евра

Холандската амбасада во Македонија им додели 194.000 евра на општините Битола, Дебар, Велес, Кратово и Маврово и Ростуше,  корисници на средствата од Програмата за култура и развој на Амбасадата за 2007-2008 година.

Средствата се наменети за кофинан­сирање на нивните двегодишни програми за култура, во согласност со големата важност што  Холандија  му ја придава на процесот на децен­трализација во Македонија, во најширока смисла. 

Во текот на двете години, тргнувајќи од некои од целите на Националната културна програма на Македонија (децентрализација на културата, користење на културата како средство за развој, и заштита и (пре)создавање на културното наследство), а особено земајќи ги предвид принципите на локалната сопственост, кофинан­сирање и одржливост, како што потенцира во своето соопштение до јавноста, Холандската амбасада ре­шила својата поддршка да ја насочи преку избраните пет оп­штини. Општините веќе ја имаат идентификувано културата како еден од своите ресурси, имаат историјат на спроведени проекти во областа на културата и подготвиле двегодишни планови за понатамошна промоција на културата како алатка за својот развој. Секоја општина вложува и свои средства во спроведувањето на овие планови.

Програмата е уште еден сегмент во поддршката на Холандија на целокупниот процес на децен­трализација, заедно со поддршката за ЗЕЛС (преку збратимување со организацијата на холандските општини ВНГ) и децентрализацијата во областа на образованието.  

К.Б.