Историски читанки
Подеднакво читање на историјата во регионот
Во организација на Фондацијата Институт отворено општество – Македонија (ФИООМ), на 21 јануари 2008 година, во Скопје, беа промовирани изданијата на историските читанки на македонски и на албански јазик. (за Македонија). Станува збор за продукт на меѓународен проект на Центарот за демократија и помирување на Југоисточна Европа од Солун, Грција – ЦДПЈЕ, што се спроведува во регионот од 1999 година. Историските читанки се дел од иницијативата “Настава за модерната историја на Југоисточна Европа”, што ја спроведува ЦДПЈЕ. Нивната намена е да служат како алтернативни наставни материјали што ќе им помогнат на наставниците по историја да ја збогатат и унапредат наставата по предметот историја – пред с$ во средните училишта, но можат да се користат и во основните училишта, па дури и за универзитетската настава.
ФИООМ е коиздавач на изданијата на македонски и на албански јазик за Македонија. Читанките се изготвени од експерти од регионот, кои работеа заедно од 1999-тата година и кореспондираат со наставните програми по историја во регионот. Главните теми обработени во нив се Отоманската империја, нациите и државите, балканските војни и Втората светска војна. Изданијата на македонски и на албански јазик (за Македонија) се испечатени со поддршка на Европската агенција за реконструкција и ФИООМ.
На скопската промоција, која предизвика голем интерес кај македонската јавност, но и кај дипломатскиот кор во земјава, за значењето на читанките зборуваа д-р Ерхард Бусек, координаторот на Пактот за стабилност во Југоисточна Европа, г. Јован Лазаровски, заменик-министер за образование, д-р Ирена Стефковска, уредник на изданието на македонски јазик, проф. д-р Кристина Кулури, уредник на читанките, проф д-р Тодор Чепреганов, директор на Институтот за национална историја и г. Владимир Милчин, извршен директор на ФИООМ.
Освен на македонски и на албански јазик, читанките се издадени и на англиски, на српски, на грчки, на хрватски и на босански, а се очекува наскоро да излезе од печат и издание на јапонски јазик.
М.И. |
|