НАСТАНИ
ВОЛОНТЕРСТВО
Прашањето „Дали волонтерството си уште живее тука?”, поставено во еден од минатите броеви на „Граѓански свет”, предизвика очигледно интерес по него да се одвива не само дискусија на форумот на нашите веб-страници, туку ни пристигнаа и два пошироки текстови со размислувања на оваа тема. Ги објавуваме во целост.
СЕРВИСИТЕ ЗА ЛИЦА СО ПОСЕБНИ ПОТРЕБИ И ВОЛОНТЕРИТЕ, ВО ПРЕСРЕТ НА ИДНИНАТА
Ни на небо, ни на земја !?
Оваа година е прогласена за година на волонтерството, но да се одделат неколку часа за тоа при солидна плата (на Запад), е сосема неспоредливо со бесплатното ангажирање на невработените (волонтерите!) кај нас. Па, ако е за "иштав", невладиниот сектор професионално ја исполни својата улога, а сепак државата не кажува кој ќе го овозможи продолжувањето на постоењето на овие сервиси кога можностите на НВО ќе бидат исцрпени Очекувајќи државата, последователно, веднаш да се приклучи и да овозможи масовно заживување на градинките и дневните центри за опфаќање на интелектуално попречените лица во сите подрачја, а не само во пробните што ги реализира „Порака”, тие остануваат да висат во воздухот. Бидејќи невладините организации не се надлежни, ниту овластени за нивната иднина, а поради неможноста кој било природен развој да тргне во спротивна насока, загрижува недостигот од брза акција на институциите на системот онаму каде невладиниот сектор сеуште нема партнерски однос со државата. Тоа е обврската пред европската заедница да ги спроведеме наложените реформи, ако воопшто имаме афинитет да станеме нејзина рамноправна членка. Волонтер - на наш начин!? Но, како да не ни изненадува спороста на ресорните министерства во преземањето на натамошната грижа за овие лица по исцрпувањето на можностите на невладиниот сектор - особено не кога 2001 беше прогласена за година на волонтерството. Младото македонско граѓанско општество веројатно е поласкано со таа идеја, бидејќи може слободно да се пофали и да очекува исклучителен третман барем само со зачудувачката масовност, ако веќе не може и со истата стартна, материјална основа од која се набљудува овој човечки порив. Но, да се одделат неколку часа за волонтерска работа при солидна плата - практиката во развиените земји од Западот, е сосема неспоредливо со бесплатното, целодневно ангажирање на невработените - онака како што волонтерството се толкува на овие простори.
А ако е "за иштав", Републичкиот центар за помош на лица со ментален хендикеп „Порака” и нејзините волонтери дадоа и премногу. Обмислено и професионално ја исполнија својата пионерска, волонтерска улога. „Порака”, како родителска НВО најзасегната со оваа проблематика, се потпре само врз личниот поттик и долгогодишното искуство и успеа на посебните потреби да им даде име, лик и инструмент за исполнување. А штом државата веќе го доби реперот (теркот) за деинституционализација во оваа сфера, зошто таа не би станала и натамошен финансиер и партнер-изведувач на тој процес? Бидејќи, освен тоа го доби и теркот за обука за работа со интелектуално попречените, како и за обука и оспособување за работа и за живот на овие лица. Теркот го доби со конкретни показатели за обемот и можностите на волонтерите-родители и студентите од домашните институти. Ќе биде ли законски признаен нивниот труд? Зашто, тие направија и повеќе од "секојдневна активност врз доброволна основа, поттикната од личен интерес или потреба". За успешноста и ефикасноста на исполнетите улоги, волонтерите заслужија државата да им оддели макар еден од своите параграфи - "да ги овласти" и да им обезбеди статус на вработено лице. Алтернативните сервиси, што тие на државата исто така & ги понудија "на тацна", се соодветни модели за формирање нови групи и центри. Треба ли да замрат уште на стартот само поради неповрзаноста со невладиниот сектор? Во последниот разговор со претставник на Министерството за труд и социјална политика беше изразена нивната генерална определба за спроведување на реформите, но тие потсетија и на тешката економска состојба во државава што е пресудна за иднината на сервисите како прашање на надградбата на секое општество.
Дали е?
Но, токму поради таа база и треба да се нагласи дека волонтерите на „Порака”, срамежливо но без многу поплаки, му покажаа на општеството како самото да изнајде соодветно и/или доволно обучени кадри, му покажааа како треба да се работи со лицата со интелектуална попреченост. Овие ентузијасти не чекаа од државата да ја разбере нивната социјална незаштитеност и потреба, оптовареноста со давачките за здравството и бедниот семеен стандард, за воопшто и да им ја осмислат иднината на своите деца. Со реализација на низа проекти во оваа сфера, функционално и на повеќе корисни начини тие го исполнија времето од чекањето во бироата за вработување. А нивниот терк за волонтерството и алтернативните сервиси, во содејство со младите студенти-ентузијасти, иако во сенка, покажа дури и видна општествена исплатливост, но него државата сеуште соодветно не го вреднува, нити го охрабрува и надградува. Дури, и по ова прашање само не потсетија дека за тоа е пресуден обемот на буџетот и развиеноста на базата. Во која мерка?
И што натаму?
Со возраста нивната волја како родители нема да згасне. Соочени со непобитните придобивки таа може само да се пренесува прогресивно. Но, што сега и после со децата? Тие - деца како деца - имаат единствена задача само да продолжат да растат. А што им нудиме понатаму? Параграфски сопки во социјалата поради нелогичната пристрасност кон оние семејства кои нашле "чаре" и го сместиле детето во институција за 10, 15 години или до крајот на животот? Дали така на државата & е поефтино и поисплатливо, имајќи предвид дека еден штитеник во Специјалниот завод во Демир Капија ја чини десетици илјади денари месечно? Или смета дека на тој начин ја исцрпува својата одговорност кон нив?
Претставникот на ресорното министерството не навести никакви нивни конкретни активности на тој план во блиска иднина. Во ова министерство не н& одговорија ниту кој ќе овозможи продолжување на постоењето на овие сервиси кога можностите на „Порака” ќе бидат исцрпени. Ќе ги слушне ли и нашава држава конечно семејствата и потребите на лицата со интелектуална попреченост кои сосема демократски се задоволуваат во светот веќе со години, а за чие исполнување, патем, и не се потребни огромни инвестиции? Дали ќе остане и натаму само набљудувач, или активно ќе ја понесе одговорноста како што & прилега на секоја граѓанска држава кога во прашање се нејзините жители? Татјана З. Станковиќ, новинар во „Порака”
Наместо потсетник Ако уште на претшколска возраст сознанието дека постојат деца со посебни потреби ни стане блиско, сосема е логично дека нивното постоење, веднаш покрај нас, ќе ни биде вообичаено искуство и навика понатаму, во животот. Токму затоа, Републичкиот центар за помош на лица со ментален хендикеп „Порака” пред четириесетина месеци најпрвин го започна формирањето на групи за деца со посебни потреби во редовните градинки, со натамошна цел - посебните и редовните групи постепено да се претопат во едно. „Порака” формира и неколку дневни центри за опфаќање и работно ангажирање (окупација) на деца и младинци со посебни потреби - со цел нивно вклопување во секојдневието како прв чекор кон целосното и активно вклучување во општеството.
|