Коментар

Настани за паметење

Месец април од оваа година ќе го запаметиме по многу нешта кои се случија за првпат.

За првпат во Македонија Ромите го празнуваа 8 април, како национален празник на нивната заедница.

Граѓанското општество во Македонија по 15 години доби една целокупна слика на сето тоа што се случувало во минатото, влијанието од работата на граѓанскиот сектор во изминатиот период и постигнатите вредности. Македонскиот центар за меѓународна соработка го спроведе истражувањето „Индекс на граѓанското општество”, кое во исто време се спроведуваше и во 50 други земји од светот. Деновиве ова истражување беше промовирано и нуди одговори на многу прашања околу тоа што се случуваше во граѓанското општество во изминатиот период и за неговата улога во општествените текови. Ова истражување е потфат за коешто треба да се гордееме сите ние.

Месецов многу се дебатираше околу воведувањето на веронауката во образованието. Па, би сакал да кажам збор-два околу тоа. Со воведување на плурализмот и проширувањето на демократските процеси во нашето општество, почна да се размислува и за спроведување промени и во образовниот процес и содржините во него. Овие промени се однесуваа и на веронауката во образованието, која веќе не е табу-тема. Така, пред неколку години беше изгласан закон за воведување на веронауката во образованието, но истиот беше укинат од Уставниот суд, со образложение дека нашето општество е секуларно и верата е одвоена од државата. Следствено на тоа, верското образование се одобрува само за верските заедници и нивните образовни институции. Пред извесно време Собранието повторно усвои закон за воведување веронаука во образовниот процес. Со оглед на фактот дека промени во овој поглед во Уставот нема, и судбината на овој закон по се изгледа ќе биде како и на претходниот. Сигурно, едно демократско општество како нашето, немаше да биде против воведувањето на веронауката во образовниот процес, но сметам дека тука беше потребно да се направат пошироки консултации со верските заедници кои ги има кај нас, со учениците, со родителите итн. Потешкотии ќе има, не само од уставни причини, туку и од составот на нашите училишта. Познато е дека во една паралелка учат не само припадници од различно етничко потекло, туку и верскиот состав е таков.

Дали предметот по веронаука ќе биде обврзувачки или факултативен? Да не заборавиме дека свеста на нашите ученици и родители за прифаќање на различноста кај другиот с$ уште не е на завидно ниво.

Грамоз Шабани