ОДРЖЛИВ РАЗВОЈ

Визија и реалност на иднината на Земјата

Одржливиот развој се дефинира како развој кој оди кон тоа да ги задоволи аспирациите на сегашноста беа притоа да ја компромитира можноста истите аспирации да бидат задоволени и во иднина. Иако сме далеку од она што се нарекува одржливо планирање на севкупниот развој, Македонија сепак, под притисок на меѓународната заедница, а посебно принципите за стабилизација и асоцијација определени од Европската Унија, ги прави првичните чекори за стратешко планирање на развојот според овој концепт...

Маријана Иванова

Кога во развиениот свет се зборува за развојот, веќе не се ни помислува на поинаков развој отколку одржливиот. Концептот на одржливиот развој е стар неколку децении (според некои теоретичари и повеќе од тоа), но е воведен во седумдесетите години на 20-от век, а мошне силно е нагласен во Светската стратегија за конзервација изготвена од IUCN (Светската Унија за конзервација на природата) во соработка со UNEP (Програма за животна средина на ООН) и WWF (Светскиот фонд за дивиот свет). Така, концептот на одржлиовиот развој, може да се каже, меѓународно е афирмиран од големите невладини асоцијации (IUCN и WWF).

Во изданието "Нашата заедничка иднина" од 1983 година на познатата Брунтланд Комисија - Светската комисија за животна средина и развој, одржливиот развој е дефиниран како "развој кој оди кон тоа да ги задоволи аспирациите на сегашноста беа притоа да ја компромитира можноста истите аспирации да бидат задоволени и во иднина".

Одржливиот развој и ние

Иако сме далеку од она што се нарекува одржливо планирање на севкупниот развој, Македонија сепак, под притисок на меѓународната заедница, а посебно принципите за стабилизација и асоцијација определени од Европската Унија, ги прави првичните чекори за стратешко планирање на развојот според овој концепт.

Во Министерството за животна средина пред две години беше покрената иницијативата за изготвување Национална стратегија за одржлив развој. Тогаш беше ангажиран Иниститутот за социолошки и политичко-правни истражувања од Скопје да го изготви Концепцискиот приод во креирањето и оживотворувањето на таа страрегија. Концепцискиот приод го изготвија д-р Панде Лазаревски и д-р Илија Тодоровски, а тој беше разгледуван на јавен собир на научни работници, експерти и невладини организации во 2000 година, кои дадоа повеќе сугестии и предлози за негово подобрување и надградување.

Во моментов, Министерството за животна средина и просторно планирање работи на овој значаен документ. Како што вели г-ѓа Каја Шукова од Министерството, по изготвувањето на Концептот, се оди на разработка на Методологија за изработка на Националната стратегија за одржлив развој, како втор чекор. Министерството за животна средина и просторно планирање ги координира активностите во име на Владата, но изготвувањето на Националната стратегија мора да има интердисциплинарен пристап, вклучувајќи ги сите сектори: економијата, социјалата, правото, едукацијата, како и сите чинители во општеството: бизнис-секторот, невладините организации, научните и стручните институции, локалната самоуправа...

Подготовки за Рио+10

Во Министерството исто така, во моментов се вршат интензивни подготовки за учество и претставување на македонија на Светскиот самит за одржлив развој што ќе се одржи во август годинава во Јоханесбург, Јужна Африка, во организација на ООН. Популарно наречен Рио+10, овој Самит се осврнува на деценијата помината по Светскиот самит за животна средина што се одржа во Рио де Жанеиро, Бразил, а особено на имплементација на Агендата 21 која во себе ги содржи принципите на одржливиот развој.

Во Министерството интензивно се работи врз Националниот извештај за одржливиот развој што ќе биде презентиран во Јоханесбург. Ангажирани се петмина експерти и претставници на НВО, кои работат врз Националниот извештај. Со едниот од нив, д-р Јосиф Таневски (кој, патем, е и минатогодишниот добитник на Наградата за одржлив развој што ја востанови МЦМС), разговаравме за овој документ и воопшто за конпептот на одржливиот развој на Македонија.

- Македонија од Самитот во Рио досега не успеа да направи стратегија за одржлив развој. Ниту по 10 години не научивме дека овој принцип мора да се вметне во планирањето на сите активности на државата – економските, социјалните, општествените. Заостануваме зад други држави, но најважно е што ќе направиме грешки во планирањето на развојот кои ќе имаат последици - ќе се создаваат конфликтни ситуации во сферата на индустријата, земјоделството, шумарството, управувањето со водите... Веќе доаѓаме до такви ситуации - на пример, за иднината на управувањето на водата од изворот Рашче, вели д-р Таневски.

Што се однесува до Националниот извештај за одржливиот развој, д-р Таневски вели дека тој содржи неколку поглавја кои се однесуваат на степенот на примена на овој концепт кај нас: што треба да се промени во планирањето на развојот, интеграција и учество во донесувањето на одлуките, клучните прашања на нациуонално ниво за енергетиката, квалитетот на воздухот исоцијалните прашања, намалување на сиромаштијата, образованието, јавната свест и други.

Приоритети за Македонија, според Минисерството за животна средина во однос на планирањето на одржливиот развој се економијата и социјалата.

ДЕФИНИЦИЈА
Искористување на обновливите ресурси

Во специјализираниот речник за областа на екологијата (Оџфорд Университѕ Пресс, 1994), дефиницијата на одржливиот развој е формулирана на следниот начин: "Одржлив развој е економски развој кој целосно ги земе предвид последиците од економските активности врз животната средина и е базиран врз искористување на ресурси кои можат да бидат заменети или обновени, односно кои нема да бидат исцрпени". 
 

СВЕТСКИ САМИТ ЗА ОДРЖЛИВ РАЗВОЈ
Во пресрет на Јоханесбург

Од 26 август до 4 септември, во Јоханесбург, Јужна Африка, ќе се одржи светскиот самит за одржлив развој организиран од ООН.

Како што во пресрет на овој голем глобален настан до светската јавност се обрати генералниот секретар на ООН, Кофи А. Анан, зборувајќи за одржливиот развој,"10 години по Самитот за планетата Земја во Рио де Жанеиро, владите се обврзаа дека ќе извршат таква трансформација и дека ќе ја имплементираат Агендата 21 како клучен план на акции за да стасаат до таму. Но поединечните напори покажаа недоволни резултати. Ние не направивме целосна интеграција на економскиот, социјалниот и еколошкиот аспект на развојот, ниту направивме доволно за да ги разбиеме со практични решенија што би воделе до постигнување на целта".

Самитот во Јохаесбург, нагласува Генералниот секретар, е можност за државите од светот да изградат стратегија за подобра заедничка иднина.
 


ДРУГИ ИСКУСТВА
Македонија има шански да се наметне во регионот

Најдалеку во планирањето на одржливиот развој се отидени скандинавските држави. На Балканот, вели д-р Таневски, нема многу примери од кои Македонија би можела да учи што се однесува до одржливиот развој. Дури ни Грција како членка на ЕУ за одржливиот развој зборува само на академско ниво. Поради тоа, Македонија дури би можела да се наметне како држава со високи еколошки квалитети со реална основа да го примени овој концепт на развојот. Но, доколку Македонија ја зафати комерцијалниот развој, транзицијата без еколошки решенија, таа набргу ќе ги загуби своите еколошки атрибути. 
 


ПОМЕЃУ ТРГОВИЈАТА И ОДРЖЛИВИОТ РАЗВОЈ
Неодржливите принципи од Доха

Во ноември минатата година, во Доха, Катар, се сретнаа министрите за трговија од 140 држави во светот, кои на крајот донесоа мошне неодржлива агенда, и покрај декларативните заложби за одржливо планирање на развојот на нивните држави.

Магазинот Бридгес на ICTSD (Меѓународниот центар за трговија и одржлив развој), во ударниот напис на Виктор Меноти (Вицтор Менотти) во новото издание (март/април 2002), вака ги коментира резултатите од таа средба:

"...Министерите за трговија од 140 држави & дадоа на ЊТО (Светската трговска организација) историски мандат што може да го интензивира согорувањето на фосилните горива, сечата на дождовните шуми, осирумашувањето на рибниот фонд, употребата на токсични хемикалии и ослободување на генетски модифицираните организми. И покрај меѓународното јавно мислење, WTO доби уште повеќе моќ од порано, декларирајќи се себеси како институција која на унилатерален начин ќе одговори на фундаменталните прашања за судбината на природните системи на планетата и на милијарди сиромаси кои зависат од нив.
И покрај декларативната реторика за намалување на сиромаштијата и одржливиот развој, официјалната позиција на WTO (позната како Декларацијата од Доха) & дава на WTO нови можности да ги оневозможи луѓето да ги искористат нивните влади за да го регулираат однесувањето на глобалните корпорации. Декларирајќи се себеси како арбитер на кризите на планетарните природни ресурси и форум за решавање на конфликтите меѓу интернационалните договори за трговијата и животната средина, Агендата од Доха претставува вистински предизвик за подготовките ба Светскиот самит за одржлив развој на ООН во 2002 во Јоханесбург, Африка.

Агендата од Доха & овозможува на WTO:

• да го интензивира извозно ориентираното земјоделие, шумарство, рибарство, согорување на фосилните горива, рударство и друг вид на експолатација на природните ресурси

• да ги елиминира повеќето политики на конзервација и развој на заедниците како нефер "бариери" за трговијата и инвестициите

• да детерминира кој ќе ги окупира последните остатоци од светските колабирачки природни ресурси, почнувајќи со осиромашените рибни фондови

• мултилатералните договори за животната средина да ги подредува на правата на корпорациите..."