Донација
ЦИРа им подари пари и книги на Ромчиња - основци
Центарот за институционален развој ЦИРа и партнерските организации „Мир” и „Баирска светлина” им доделија парични донации на основните училишта во кои настава посетуваат деца Роми, „Ѓорѓи Сугаре” од Битола, „Васил Главинов” од Чаир и „Браќа Рамиз и Хамид” од Шуто Оризари. Првонаграденото училиште доби 40.000 денари, второто 24.000 денари, а третото 16.000 денари. Парите се собрани за време на НВО-саемот во ноември минатата година, во рамките на Фондот за набавка на учебници и школски прибор во кој вкупно се слеаја 81.000 денари. За време на саемот, на повеќе локации беа поставени кутии за донации во кои посетителите оставаа талончиња со напомена во кое училиште би сакале да се донираат парите, со што всушност и се избрани добитниците на средствата. Дел од донациите се собрани и преку телефонската линија на „Мир” и Т-мобиле и на сметката на ЦИРа. Донациите училиштата ќе ги употребат за купување учебници и училиштен прибор за децата Роми кои се социјални случаи и на кои им треба материјална помош во школувањето. Во акцијата помош добија и основните училишта „Гоце Делчев” од Свети Николе, „Ванчо Прке” од Делчево и „Братство и единство” од Гостивар на кои ЦИРа им подари над 100 книги за училишните библиотеки.
Во рамките на фондот, за младите Роми собрани се и поголем број материјални донации од повеќе поединци и институции во висина од 493.000 денари. Така, од донацијата на градоначалникот на Скопје, Трифун Костовски, 10 млади Ромчиња ќе посетуваат курс по англиски јазик, а Детскиот креативен центар „Карпош” исто така ќе вклучи 10 деца во дел од своите секции. Во градската библиотека „Браќа Миладиновци” ќе се запишат 5 деца на курс по компјутери, а истите ќе добијат и годишно бесплатно членство во библиотеката.
„Во училиштето ’Ѓорѓи Сугарев’ 60 проценти од учениците се Роми, од кои повеќето се соочуваат со егзистенцијални проблеми. Секоја учебна година за нив книги се набавуваат со помош на невладините организации, поради што и оваа помош е добредојдена”, истакна директорката Загорка Јовчевска. Во „Васил Главинов” 64 проценти од децата се Роми, а во „Браќа Рамиз и Хамид” дури 95 проценти.
С.Н.
|
|