Сузан Амет

Сите деца во училиште

Хуманитарната организација МИР, преку грант-програмата за филантропија во Македонија, финансирана од УСАИД преку Институтот за трајни заедници - ИТЗ, а спроведувана од Центарот за институционален развој – ЦИРа, од месец јули 2007 г. започна со реализација на активности за прибирање средства за создавање фонд за набавка на учебници и училиштен прибор за децата Роми кои не се опфатени во основното образование и чии родители поради недостиг на финансиски средства не се во состојба да им обезбедат учебници и училиштен прибор и да ги испратат во училиште.

Од изминатиот период досега, со средствата кои ги собравме од локалните бизниси и од индивидуалците од локалната заедница, набавивме учебници и училиштен прибор за 32 деца и нив ги вклучивме во образованието. Пред тоа, овие деца можевме да ги видиме низ градските улици како заработуваат за живот, а нивниот детски труд честопати беше искористуван од страна на нивните родители. Но, со акцијата на МИР, овие деца добија можност да станат редовни ученици во ОУ „Васил Главинов” - Скопје и тие постигнуваат солидни резултати во своето учење на предвидениот наставен материјал.

Покрај учебниците и училишниот прибор, на овие деца во повеќе наврати им доделивме и помош во облека и обувки.

Сепак, со нашата акција не бевме во можност да им помогнеме и на другите деца кои не се запишани на училиште или не ја посетуваат наставата поради немањето можност да ги обезбедат потребните учебници и училишниот прибор. Во основните училишта каде учат Роми постои голема потреба од набавка на дополнителен број учебници и училиштен прибор и за децата ученици кои потекнуваат од семејства кои се корисници на социјална помош. Како пример би го посочила ОУ „Васил Главинов” во Скопје, каде што според информациите од училиштето, 247 деца одат на училиште без учебници и без училиштен прибор.

Гледајќи го позитивниот ефект од спроведените активности и реалната потреба за придонес кон подобра иднина за овие деца, Центарот за институционален развој - ЦИРа нe повика на заедничка акција за прибирање средства за помош на сите ромски деца во РМ во духот на годинешната носечка тема на Форумот на граѓанските организации: Еднакви можности за сите. Партнерството беше структурирано во вид на голем настан за прибирање средства (добротворна лотарија) за креирање фонд за набавка на учебници и школски прибор за децата Роми во РМ. Настанот се одржа на НВО-саемот пред  штандот на ЦИРа, на 16 и 17 ноември 2007 г.

Во текот на двата саемски дена од донаторите на лотаријата беа собрани околу 75.000 МКД, но и различни видови предмети и услуги, кои ќе им се доделат на основните училишта во РМ каде што учат деца од ромска националност. При целата акција, секој донатор имаше можност на својот талон за донација да посочи училиште каде би сакал да отиде неговата донација. Според собраните гласови на талоните, најголем дел од донаторите го посочија ОУ „Ѓорѓи Сугарев” од Битола, со што ова училиште станува и најголем примател на собраните средства, а по него следуваат ОУ „Васил Главинов” и ОУ „Браќа Рамиз и Хамид” од Скопје.

Целиот настан беше поддржан со 10 волонтери на организацијата МИР, 15 волонтери од Здружението на граѓаните Баирска светлина – Битола, 5 волонтери од Здружението на граѓаните Романи шукарипа - Прилеп и персоналот на ЦИРа, од каде имаат претходни искуства во организирање и реализирање специјални настани за прибирање средства.

Поради успехот на акцијата и заради постоењето реална потреба сите деца да се обезбедат со потребниот училиштен материјал и со учебници, МИР планира и понатаму да организира вакви или слични настани за прибирање средства кои би им помогнале на децата да ја почувствуваат среќата и еден ден да станат образовани и корисни граѓани на нашата држава. Нашата цел е да  вклучиме што поголем број деца во воспитно-образовниот процес, кои сe уште се низ улиците на градот Скопје и обезбедуваат средства за живот преку питање, деца кои работат со своите родители во време кога треба да бидат во училиште.

Со големата поддршка која ја добиваме од професионалниот тим на ЦИРа,  нашите идни иницијативи ќе бидат насочени и кон преземање активности за подигнување на свеста кај бизнис-секторот и кај индивидуалците, за донирање финансиски и материјални средства за побрзо решавање на проблемите во локалната заедница.