ЕДНО СЕЌАВАЊЕ

 
Шефкет - милост и срдечност

 
Во регистрите на Архивот на Македонија се споменуваат две хуманитарни здруженија кои биле активни во Македонија пред Втората светска војна - тоа се Хуманитарното друштво “Тетовска јабука” од Скопје и Муслиманското добротворно друштво “Шефкет”.

Но, делата кои зад себе ги оставиле овие друштва не дозволуваат тие да останат запомнети само во архивската документација, туку и во сеќавањата на луѓето. Во „Граѓански свет“ се јави г-ѓа Виљдан Селим Хаџи Мухарем од Скопје, која сакаше со нас да ги сподели спомените за ова здружение, кои на неа и ги пренеле нејзините родители.

- Пред Втората светска војна, активно работело друштвото основано од Турците - „Шефкет“. На турски, неговото име значи милост, или давање срдечност, а токму тоа била и неговата мисија - да им помага на луѓето. Во организација на ова здружение, биле отворени имарети - народни кујни, каде топол оброк добивале бедните луѓе, без разлика на нивната вера или националност. Здружението собирало доброволна помош од еснафот и од граѓаните, но сите тие помошта ја давале останувајќи анонимни, што навистина говори дека тие давале од срце. Еден од основачите на ова здружение бил дедото на нашиот познат уметник, Газанфер Бајрам. Тоа, очигледно, било многу хумано семејство, бидејќи и бабата на Газанфер Бајрам, Накие Бајрам, била посветена на хуманитарната работа. Таа била првата жена хуманистка кај нас во тоа време, која ги обединила неписмените жени и организирала за нив аналфабетски курсеви, односно курсеви за описменување. Во тоа женско здружение, кое работело како женска секција во „Шефкат“ се организирале жените да везат, шијат и ткаат, а нивните производи се продавале, така што тие придонесувале во добивање поголеми приходи во нивните семејства. Мајка ми споменуваше дека еден огранок на „Шефкет“ се појавил и во Велес (од каде потекнува моето семејство). Таа се сеќаваше и на така­на­реченото „Соколско здружение на жените“, кои  приредувале матинеа (дневни седенки), ја организирале својата работа и поттикнувале многу хуманитарни акции. Така, на пример, собирале доброволни прилози, во вид на облека или парични средства, со кои на посиромашните деца им се обезбедувале книги на почетокот на училишната година - ги сподели со нас реминисценциите на нејзината мајка г-ѓа Виљдан Селим Хаџи Мухарем.