ЗДРУЖЕНИЕ НА ТРУДОВИ ИНВАЛИДИ – РАДОВИШ

Заштита на правата на трудовите инвалиди

Положбата на лицата со посебни потреби често била во фокусот на вниманието на пошироката јавност. Влошувањето на еко­номската состојба во државата неми­новно прво се одразува на овие лица. Сакајќи да најдат алтернативни решенија за своите проблеми, а не само да чекаат државата да им помогне, лицата со посебни потреби се обидуваат да си помогнат себеси орга­низирајќи се во здруженија на граѓани.

И Здружението на трудовите инвалиди од Радовиш се основало за да ја следи и да ја согледува целокупната проблематика повр­зана со квалификацијата, док­вали­фика­цијата, рехабилитацијата, вра­бо­тувањето и интеграцијата на трудовите инвалиди во општините Радовиш, Подареш и Конче.

Здружението, меѓу другото, се грижи за подобрување на материјалната положба на инвалидите.
- Неодамна дистрибуиравме хуманитарна помош добиена преку организацијата на Македонската православна црква “Мило­срдие” - ни рече претседателката на Здру­жението Стојка Свиркова. - Помошта се состоеше во облека, а ја дистрибуиравме до членовите на Здружението. Во рамките на нашите можности се обидуваме да им помогнеме на трудовите инвалиди во реали­зацијата на нивните права. Така, неодамна лобиравме и прибиравме документација за трудовите инвалиди од едно од прет­при­јатијата под стечај коешто повторно се реактивира. Успеавме да обезбедиме пари­чен надомест за нив, до нивното следно вработување. Сепак, состојбата е навистина тешка, во случаите на отежнато економско работење трудовите инвалиди први зами­нуваат од работните места, а последни се враќаат, ако работодавецот воопшто и реши да ги врати, вели Свиркова. 

Здружението, преку програмите на Фон­дацијата Институт отворено општество – Македонија, обезбедило средства за обука за работа со компјутери за петмина нивни членови, а членови на Здружението ги посетувале и обуките на Македонскиот центар за меѓународна соработка. Освен ова, амбициите на членовите се да креираат и сопствена веб-страница и да обезбедат средства за да се обучат во користењето на глобалната мрежа – интернетот.

- Навистина е тешко да се работи  во услови кога Здружението се финансира од чле­нарината која изнесува 20,00 МКД - вели Свиркова. - За жал, Радовиш е една од ретките општини каде членарината на сите пен­зионирани с$ уште оди во касата на Здру­жението на пензионерите и не се дели помеѓу Здружението на трудовите инвалиди и Здружението на инвалидските пензионери. Оваа состојба се надеваме дека ќе ја поправиме во наредниот период за да можеме да функционираме подобро и да придонесеме повеќе за подобрување на положбата на трудовите инвалиди во овие три општини, заврши Свиркова.

 

Г.Јаковлеска