Божиќен ручек за 500 деца

 
За првпат годинава Првата детска амбасада на 7 јануари организира Божиќен ручек за 500 деца од цела Македонија, токму на денот кога се славеше раѓањето Христово. Во хотелот Александар палас во Скопје, заеднички ручаа деца од установите и од здруженијата со коишто соработува Првата детска амбасада. Заедно на оброк беа македонски, турски, албански и еврејски деца и не беше важно кој од каде доаѓа, кој на која вера & припаѓа и што се ручаше по повод големиот христијански ден, Божиќ. Со тоа беше реализирана дамнешната идеја на Првата детска амбасада и беше постигната целта на нивното мото “Сите идеали во светот се побезначајни од солзите на едно дете”. 

Првата детска амбасада, која постои девет години и е со седиште во Прилеп, за првпат на ваков ручек покани деца без родители, деца на загинати бранители во воениот конфликт од 2001 година, потоа деца кои боледуваат од церебрална парализа, деца со пречки во развојот, глуви и наглуви деца и деца со интелектуални пречки во развојот.

Како што рече, Дамјан Стојановски, генералниот секретар на Првата детска амбасада, целта  на оваа мегаломанска активност беше претставување на  космополитска, односно европска Македонија. Генерален покровител на настанот беше архиепископот охридски и македонски господин господин Стефан, а ручекот го благослови митрополитот Методиј.