Во Македонија се реализира и програмата “Фонд за подобар дом”

Хабитат гради домови за среќни семејства

Куќата првпат ја поправаме по повеќе од триесет години, откако ја изградивме”, раскажува дедо Васе, гордо покажувајќи на новиот покрив, направен со кредитот земен преку „Фондот за подобар дом” на Хабитат Македонија.

Во куќата во селото Ракотинци, кај Скопје, тој живее со бабата Душанка и синот Горан. „Имавме големи проблеми веќе неколку години, откако почна да ни прокиснува покривот, па подрумот и потпокривот беа полни со вода и моравме да се снаоѓаме на различни начини за да не ни влезе водата во собите каде живееме. Се обратив до сите банки кои нудат кредити за да ми помогнат да си ја поправам куќата, но сите ме одбија. Велат, на пензионери не се давале заеми затоа што се ризична група, иако мојата пензија гарантира дека јас можам да ги вратам парите. На 72 години од никаде не можев да позајмам пари, а куќата ми се распаѓаше”, раскажува дедо Васе.

За Хабитат Македонија и нивниот партнер во кредитирањето, штедилницата „Можности”, слушнал на телевизија. Идејата му се допаднала и веднаш се обратил до нив. Претставници на Хабитат го посетиле неговиот дом во следните неколку дена и откако утврдиле дека на куќата на дедо Васе навистина & треба поправка, заемот од 4.000 евра бил во неговите раце за помалку од десетина дена.

„Тој ја искористил можноста која ја дава првата програма на Хабитат, активна кај нас од мај 2005 година, ’Фонд за подобар дом’. Преку оваа програма досега се дадени 120 заеми низ цела Македонија, а 64 реконструкции се веќе завршени”, вели Дарко Булдиоски, одговорен за односи со јавноста во Хабитат. Програмата е наменета за сиромашни семејства кои немаат сопствени средства за да инвестираат во своите домови, но сепак имаат постојани месечни приходи. Минимумот којшто семејството мора месечно да го остварува се движи од 16.000 денари па нагоре, како услов за да добие заем од Хабитат. Потребни се и жиранти. Програмата е присутна во сите делови од државата каде што населението е најчесто со понизок социјален статус и каде што има потреба од реновирање на домовите. Во последниот период е проширена и на територијата околу Скопје, каде што исто така се доделени неколку заеми.

„Кредитите досега најчесто се земаат за поправка на покриви, отстранување влага во домот или, пак, за доградување на животниот простор. Сумата се движи од 2.000 до 4.000 евра, во зависност од потребата, но и од финансиските можности на семејството да ги плаќа ратите”, вели Булдиоски. Тој објаснува дека постапката почнува со посета на домот за да се утврди вистинската вредност на потребата од поправки. Потоа семејството-партнер контактира со штедилницата „Можности”, која има локални канцеларии во 8 градови во Македонија. Тие го обезбедуваат финансискиот дел од заемот и се спроведувачки партнер на Опортунити интернационал (Оппортунитѕ Интернационал).      

Денес покривот на дедо Васе веќе не прокиснува, благодарение на снаодливоста и личното ангажирање во градежните работи на сите членови на семејството. Пари останале и за поправка на подот во целата куќа,  за бетонирање на подрумот и за заградување на терасата. Сите поправки биле готови за неколку дена, а во нив учествувале мајстори од селото.
Животните услови на семејството Бојоски се многу подобрени и тие, благодарение на Хабитат, веќе не живеат во страв дека влагата и водата ќе им го загрозуваат здравјето. 

„Многу сум благодарен што Хабитат ми помогна. За оваа можност им кажав на сите познати, и пријатели и соседи и роднини, кои имаат слични проблеми и на кои исто така им требаат пари за санирање на домовите. Условите под  кои го добив јас се многу поволни и подобри од оние што ги нуди која било банка. Заемот ќе го отплатувам на 5 години по 5.300 денари”, вели дедо Васе. Од пензијата на поранешниот полицаец ќе му остане и за живот, а и за исполнување на желбите на внучињата. Тој вели дека ако го послужи здравјето, кога ќе го отплати кредитот, затоа што условите се навистина прифатливи, ќе аплицира за нов, за да си поправи уште нешто низ домот.

 

Хабитат ќе делува и ви Велес

Во блиска иднина, информираат во Хабитат, ќе започне и реализацијата на традиционалната програма на Хабитат за изградба на станови по „стандардите на Хабитат”. Програмата ќе започне во Велес, каде што е обезбедено земјиште на кое ќе се градат становите на Хабитат. Тие ќе бидат наменети за сиромашни семејства кои не го решиле станбеното прашање, но кои имаат одреден семеен приход од којшто ќе можат да ја исплатат инвестицијата во нивниот нов дом. Тоа значи дека средствата коишто ќе ги вложи Хабитат во новите домови ќе се претворат во поволен и долгорочен заем за семејството.

Становите ќе бидат правени по правилата на Хабитат насочени кон едноставна, пристојна и достапна градба, во која ќе бидат запазени правилата на потребни метри квадратни по жител во семејството и на чија изградба ќе треба да учествуваат самите семејства-партнери. Учеството во изградбата на својот дом, рамо до рамо со другите волонтери, е една од основните заложби и продобивки на Хабитат, каде сметаат дека вложувањето сопствен труд во својот дом создава чувство на заедница, што е важно колку и самиот дом.

„Семејствата ќе бидат селектирани без оглед на верската или етничката припадност, само врз основа на потребата и подготвеноста да бидат партнери во изградбата. Особено целна група ќе бидат младите брачни парови кои од различни причини не си обезбедиле дом за семејството”, вели Булдиоски. Во изградбата, како и секаде во светот каде што гради Хабитат, ќе учествуваат волонтери, од Македонија и од странство. За секое семејство ќе биде обезбедена и стручна помош за изработка на проект и за стручните градежни работи.  

Во рамките на среднорочната стратегија на Хабитат, наскоро ќе започне и реализицијата на проектот наменет за една целната група Роми. Според Булдиоски, тоа е посебно ранлива категорија граѓани, најчесто социјално загрозена, која живее во супстандардни услови. Партнер во оваа програма ќе биде органзацијата „Хоризонти”, која и досега работи со микрокредитирање на оваа популација. Според планот, заеми ќе се даваат за реконструирање и реновирање на куќите и ќе бидат во износ од околу 1.000 евра. Проектот ќе биде реализиран во скопската општина Шуто Оризари.