Вовед

Богатството на граѓанското здружување

Во месец мај скоро целата јавност беше сведок на зголемени активности на граѓанските здруженија. Кога зборуваме за граѓански здруженија секако дека мислиме на сите нив, односно на сите оние што ние ги сфаќаме како „класични НВО”, но и, на пример, на спортските друштва. Така, еуфоријата со новиот женски европски ракометен првак, македонскиот Кометал Ѓорче Петров ќе потрае и по завршувањето на овој месец. Ова можеби ќе ги поттикне спортските друштва, културно-уметничките друштва и сличните на нив поактивно да се вклучат на нашите страници. Впрочем, како што знаете, и тие се дел од граѓанскиот свет.

Во тој правец ќе ја споменеме и шестата „Цветна трка” традиционално организирана од страна на ОБСЕ, а под покровителство на претседателот на Република Македонија, Борис Трајковски. „Цветната трка” всушност беше маратонска, во должина од 42 километри, од плоштадот на Тетово, до плоштадот „Македонија” во Скопје. Трката имаше свое мото – СИТЕ КОН ИСТАТА ЦЕЛ. Целта за нас, за граѓанскиот сектор, е позната – да помогнеме, да ги пополниме празнините на општествениот живот. Целта на оваа трка беше хуманоста, а таа беше постигната. Здружението на родителите на децата заболени од церебрална парализа од Скопје и од Тетово ги доби 7-те илјади евра наменети за нив, обезбедени од триесет и двете организации учеснички на трката, како и од повеќе локални и странски владини и невладини организации.

Верските заедници од Македонија, со гости научници од разни религии од целиот свет, месецов се собраа во Скопје, на четиридневен дијалог за градење доверба помеѓу црквите и верските заедници во Македонија. Собирот резултира со Заедничка порака за понатамошни активности за градење меѓусебна доверба – основање совет за меѓурелигиска соработка, воспоставување редовни средби и контакти и воспоставување соработка помеѓу нивните образовни институции.

Полио плус продолжи со своите улични претстави под мотото „Која е смислата на животот”, во склоп на кампањата за надминување на архитектонските бариери за лицата со посебни потреби. Овој пат бригадата на Полио плус составена од средношколци и студенти се најде пред платото на МНТ каде што „изѕида” коса рампа со што станаа пристапни објектите околу МНТ и Комерцијалната банка во Скопје. 

Еколошката свест, се надеваме, и натаму расте. Така, грчкиот Арктурос и македонските Ерина, Македонското еколошко друштво и Движењето на екологистите на Македонија го дадоа својот отчет за нивниот придонес за заштитата на дивиот свет во регионов, посебно на светот на карниворите (месојадците) – мечката, волкот, рисот и шакалот.

Сета шареноликост на активностите на овие здруженија на граѓани е добар показател за богатството што тие му го нудат на едно општество. Читајте за нив во овој број на Граѓански свет.

Пишувајте ни на www.graganskisvet.org.mk  и на www.civicworld.org.mk.  


Даниел Медароски