Порака до Стразбур
Велам Македонија
Мојата земја е Република Македонија. Јас сум граѓанин на Република Македонија. Културата ми е македонска, како и традицијата на мојата земја. Работам во македонска граѓанска организација. Говорам, како и моите претци, македонски јазик. По националност сум Македонец, како и другите мои сонародници кои се самоидентификуваат така насекаде во светот. И никој не може и не смее да ми го одземе тоа.
“Ниту меѓународното право, ниту етиката, не & дава за право на некоја организација или на друг субјект во рамките на меѓународната заедница да одлучува за идентитетот и потеклото на една нација...”. Ова е дел од протестното писмо коешто деновиве го потпишаа илјадници сограѓани. Тоа беше упатено до г. Јан Клејсен, директор на канцеларијата на генералниот секретар на Советот на Европа, во кое се бара повлекувње на уредбата на Советот на Европа од 2 март 2004 година за употреба на референцата “Бивша Југословенска Република Македонија” и за лицата кои припаѓаат на малцинството или кои зборуваат јазик на малцинството надвор од земјата за да се користат за сите цели во рамките на Советот на Европа.
Деградацијата оди дотаму што во упатството каде што стои препораката нашта земја да се ословува како “Бивша Југословенска Република Македонија” се нагласува дека наводниците се составен дел од името. Според тоа, во листата на земјите од светот, Македонија би требало да ја барате не под буквата М, туку под наводници. Згора на тоа, меѓу другото, знаете дека во наводници се става нешто што е “таканаречено”, или, пак, зборови употребени со иронија, во значење спротивно од она што го имаат. Според тоа, иронично или не, нашата земја е “таканаречена”, односно таа не постои (покрај тоа што е бивша).
А нашите сонародници во светот? Тие, за жал, кога ќе се изјаснат како Македонци, ќе треба да го надополнат тоа со фуснота на која ќе појаснат дека тоа е “терминологија на самоидентификација на лицето што го употребува тоа име”.
Дали оваа европска институција со ваквата уредба не посегнува токму по своите принципи - почитување на човековите права и декларациите и конвенциите на меѓународното право?
Граѓаните на Македонија, и пошироко, се убедени токму во тоа. Тие ги осудуваат ваквите омаловажувачки акти. Во таквата констатација се убедени и организациите и институциите како што се Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија, Меѓународната хелсиншка федерација за човекови права, па дури и Грчкиот хелсиншки мониотор, кои остро го осудија овој акт. Најважно од с$ во целата оваа игра, се разбуди граѓанскиот сектор во Македонија, се разбуди граѓанскиот дух. Понесен од иницијативата, тој масовно се мобилизира и се обедини да упати јасна порака до светот - доста е со игрите околу нашето име, култура, традиција, нација... Ние не сме бивши синови на нашите татковци.
Даниел Медароски
|