ВО ОРГАНИЗАЦИЈА НА СОЈУЗОТ НА ГЛУВИ И НАГЛУВИ

Избор на Мис на глуви и наглуви за 2003
 

Минатиот месец, во организација на Сојузот на глувите и наглувите на Македонија се одржа, по втор пат, изборот за мис на глуви и наглуви на Македонија. Сојузот планира тој да прерасне во традиција, со цел да ја зголеми самодовербата и вербата кај своите членови.

Победничка беше Александра Сталеска од Кичево, прва придружничка беше Катерина Милановска од Скопје и втора придружничка Лидија Петровска од Куманово. Побед­ничката се здоби со право да ја претставува Македонија на изборот на Мис на светот за глуви и наглуви девојки, којшто ќе се одржи во Прага, Република Чешка, на 19 јули 2003 година. Манифестацијата ќе претставуава можност да се сврти вниманието на јавноста во светот кон маргинализираните групи и за нивно целосно и непречено вклучување во секој­дневниот живот.

- Многу сум среќна што Сојузот организира ваква манифестација. Оваа титула ми дава можност да ја претставувам нашата земја на изборот на Мис на светот за глуви девојки и наедно е една од ретките можности за афирмација на глувите лица, ни изјави Александра Сталеска, студентка на на Филозофскиот факултет во Скопје, отсек дефектологија. Таа е првиот глув студент во Македонија. - За жал, моето учество е ставено под знак прашање со оглед на слабите финансиски можности на Сојузот.  Затоа се обраќаме кон пошироката јав­ност, а особено кон успешните компании за помош и под­дршка за покривање на патните трошоци, апелира таа.

На Александра Сталеска и се потребни 1.000 евра за учество на изборот. Оние коишто можат и кои сакаат да и помогнат, средствата можат да ги уплатат на смет­ката на Сојузот на глувите и наглувите на Маке­до­нија:  200-0000027877-72; да­ночен број: 4030984177071, де­по­нент Сто­панска банка). За повеќе информации можете да контактирате со нејзината сестра Николина Сталеска
(nstaleska@yahoo.com).

Д. Медароски