Трибина во Свети Николе
“Надмудри го ракот - биди здрава жена”
По повод кампањата на Министерството за здравство, во соработка со Македонското женско лоби, со Комисијата за еднакви можности и со Клубот на жените парламентарки, Организацијата на жените на општината Свети Николе на 17 декември одржа трибина на темата „Надмудри го ракот - биди здрава жена”. Оваа организација од 1997 година работи на проблематиката на репродуктивното здравје на жената, а во оваа прилика даде свој придонес во подигање на свеста на жените за да одат на превентивни гинеколошки прегледи, што е и целта на кампањата.
Трибината е реализирана во собраниската сала на општината Свети Николе, во присуство на околу 200 жени, на која во рамките на националната кампања за заштита од малигни заболувања на репродуктивните органи учестуваше и министерот за здравство, Имер Селмани, кој посочи и на заинтересираноста на граѓаните за нејзино одржување во повеќе градови низ државата, како и за успешноста од одржување на трибините чиј број, наспроти првично предвидените 50, поради големата заинтересираност е зголемен на 70 низ градовите и селата во државата.
На трибината учествуваа и Лилјана Поповска, претседателка на Комисијата за еднакви права меѓу жените и мажите, Виолета Томовска, претседателка на “Животна искра”, Даниела Димитриевска, извршна директорка на канцеларијата на Македонското женско лоби, Слободан Даневски, градоначалник на општината Свети Николе, Стојанче Стефановски од Заводот за заштита на мајките и децата, Зоран Спировски, директор на Клиниката за торакална хирургија од Скопје и д-р Надица Стојковска од Здравствениот дом „Ѓорѓи Гаврилски” во Свети Николе.
К.Б.
|
|