МЦМС
НВО контакт група

Македонскиот центар за меѓународна соработка иницираше формирање на НВО контакт група, која ќе работи и делува на локално ниво, со цел да се овозможи мотивација за поголема вклученост на здруженијата на граѓани во ублажување и надминување на состојбите во Република Македонија.
Улогата на оваа група ќе биде да делува на локално ниво, да помогне да се развие комуникацијата меѓу граѓаните, локалните власти, локалните медиуми, меѓу членовите и другите невладини организации.
Како што беше оценето на иницијативната средба за формирање на оваа група, потребно е да се фокусираат активностите на јакнење на свеста дека само трезвеното размислување и однесување во оваа сериозна ситуација може да помогне таа да се надмине. Притоа, потребно е да се вклучи поактивно невладиниот сектор во активности за враќање на довербата и воспоставување на баланс меѓу „поддржувачите на конфликтот” и „поддржувачите на мирот”.
НВО групата ќе содржи десетина членови, за да може да работи ефикасно и за да има доволно вклучени организации за постигнување на целите.