Во Скопје одбележана 7-годишнината од смртта на Гонџа Бојаџиу 

Борис Трајковски и МЦМС - добитници на “Послание Мајка Тереза”

Асоцијацијата “Скопјанката Мајка Тереза”, на 5 септември организира свечена академија по повод седумгодишнината од смртта на Гонџа Бојаџиу, каде од страна на градоначалникот на Скопје, Ристо Пенов, беа врачени признанијата “Послание Мајка Тереза”.

Годинава признанијата им припаднаа на претседателот Борис Трајковски (постхумно), на Аге Бојаџиу и на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) за бројните хуманитарни активности. Статуетки со ликот на големата жена добија Мифтар Мифтари, Митко Тошев, Скендер Кули, Галаба Зареска и Домот за стари лица “Мајка Тереза”, а ги врачи министерот за образование и наука Азиз Положани.

Граѓанката на светот, Мајка Тереза, е родена на 26 август 1910 година во Скопје. На 26 септември 1928 година го напушти родниот град за да им се посвети на хуманоста и на посветеноста на болните и беспомошните. Светот и се воодушевуваше на Мајка Тереза, на нејзината пожртвуваност и посветеност на бол­ните и гладните, на напуштените и осамените. При­знанието за оваа мајка, Нобеловата награда за мир, стигна во 1979 година. Таа се упокои на 5 септември 1997 година во Калкута, Индија. Папата Јован Павле Втори на 19 октомври 2003 година ја беатификува Мајка Тереза, односно ја прогласи за блажена – чекор пред нејзиното прогласување за светица.                 

Грамоз Шабани