ИНСТИТУТ ОТВОРЕНО ОПШТЕСТВО МАКЕДОНИЈА 

Апелирање и информирање

Институтот Отворено општество Македонија спроведе неколку активности прилагодени на кризната состојба во која се наоѓа Македонија. Покрај апелот против безумието, кој беше објавен во јавните медиуми и кој ги содржеше силните пророчки стихови на Блаже Конески, во рамките на комплексниот проект насловен „Граѓански одговор на кризата” беше спроведен еден подпроект инициран од две здруженија – Младинскиот информативен центар - МИЦ од Тетово и АДИ од Гостивар. Тие издаваа граѓански информатор за состојбата, со едноставни и објективни информации, без коментари, а МИЦ организираше поставување на камера во Тетово, чии снимки беа пренесувани на веб-страницата MaNGO.org.mk. Во оваа иницијатива се вклучија и Здружението за правата на Ромите од Штип и центрите за поддршка на НВО од Прилеп и Велес, кои го дистрибуираа информаторот во своите средини со информации за она што се случува кај нив. Информации нудеше и Институтот Евробалкан, кој организираше e-mail билтен што се дистрибуираше на околу 3.000 адреси, главно во странство. Сите овие активности беа пренесени и на споменатата веб-страница на Институтот Отворено општество.
Покрај ова, како што не информираа во Институтот, со цел да се слушне гласот на граѓаните, беа отворени две телефонски линии, на македонски и на албански јазик, преку кои граѓаните се обраќаа и ги кажуваа своите мислења, стравови и пораки. Линиите сега се затворени, а досегашните јавувања ќе бидат објавени.
Преку Меѓународниот медиумски конзорциумски фонд на Институтот Отворено општество, четири телевизии кои зрачат во регионот на Полог (ТВ Сител од Скопје, и три тетовски - ТВ АРТ, ТВ Кис и ТВ Коха) добија предавателска опрема, а се разгледуваат можностите Фондот да помогне уште неколку локални приватни радио и ТВ куќи.