На хуманитарниот Василичарски коктел
Собрани 443 илјади денари за самохраните мајки
Сојузот на организациите на жените на Македонија и годинава на 13 јануари го организира традиционалниот хуманитарен Василичарски коктел на којшто беше собрана донација во износ од 443.000 денари наменети за групите за поддршка на самостојните мајки со деца, самохрани мајки.
Македонски телекомуникации донираа 300.000 денари, а претставниците од меѓународните и од домашните организации, амбасади и бизнис-секторот партиципираа со своето учество (купување влезници).
На присутните им се обратија претседателката на СОЖМ, Савка Тодоровска, и министерката за надворешни работи на РМ, д-р Илинка Митрева, која беше и покровител на коктелот, по што следуваше презентација на василичарските обичаи, благослов, делење погача со златна паричка и коктел.
“Повод за избор на оваа група за поддршка е интегрирање на мајките кои сами ги одгледуваат своите деца во заедницата, преку градење на позитивна слика за себе и поддршка во јакнењето на личните капацитети како начин за излегување од состојбата на немоќ. Групите за самоподдршка се состојат од мајки кои досега успешно се справуваат со стереотипите и предрасудите во средината во која живеат, активно се соочуваат со низата проблеми од социјална и егзистенцијална природа, успеале да се интегрирааат во општеството и ја надминале категоријата на “самохрани – немоќни”. Од друга страна во групите се вклу чени и мајки кои не успеваат да се справат со предрасудите и стереотипите, се соочуваат со социјални и егзистенцијални проблеми; социјално исклучени на маргините на општеството не успеале соодветно да ја надминат категоријата “самохрани - немоќни”. Меѓусебната поддршка и заедничката работа на овие две групи - мајки овозможува охрабрување и јакнење на самодовербата, пренесување на позитивни искуства како и влијание врз институциите на државата со цел побрзо решавање на соодветните прашања од овој вид. Воедно тие ќе стекнат доверба во своите способности и квалитети со цел да се изборат за своите права и своето достоинство.” - вели Савка Тодоровска
|
|