м-р Деан Донев
Темелните етички вредности како инспирација и мотив за конкретните активности во невладините организации
Во обидите за унапредување на човековиот живот активно се вклучуваат и невладините организации. Согласно нивната проблематика во дејствувањето и преземените акции, целта мора да се совпаѓа со идејата - тие постојат за да го надополнат она што владините институции не можат да стигнат или не се расположени да го направат, но едновремено и да ги изразат потребите на граѓаните во едно граѓанско општество, да му помогнат на народот, на претставниците на граѓанското општество во нивните напори да се развијат и реализираат потребите кои се нужни за одржување и унапредување на животот денес.
За да ги остварат своите цели и функции како организиции преку кои граѓанинот ги изразува и реализира своите етички потреби, и самите тие нужно мораат да се раководат од етички принципи. Во своето дејствување невладините организации се раководат од одредени етички вредности, норми, а нивната реализација и практикување станува основна концепција за активноста во НВО-секторот. Станува збор за благородните идеи на човештвото, т.е. за соработката, слободата, правата, достоинството, мирот, благосостојбата, помагањето... - вредности без чие застапување и ефектуирање не е можно да се достигне целта на животот денес, ниту во иднина, а уште повеќе добри услови за живот на оние кои доаѓаат. Но, не само добар живот во смисла на економски резултат во развојот на секоја од земјите, туку во смисла на квалитет на етичка незагрозеност, етички мир и исполнетост, кои на крајот на краиштата би биле неостварлив сон доколку сето постапување и сите активности на невладините организации не се втемелени на реалната етичка цел - создавање на таков вид општествена граѓанска свест и култура која не ќе се раководи само од тоа по секоја цена да го продолжи постоењето на сопствената нација, туку да создава и да твори на начин кој несомнено сите ќе ги води кон една универзална заедничка етика како темел за почитувањето на она од што сме произлезени - биомасата, за да дојдеме до она за што сите се залагаме: етички втемелено искористување на сиот биопотенцијал. Укажувањето и подвлекувањето на овој факт е затоа што ниту една невладина организација не би го имала своето оправдување доколку со своето дејствување не води кон создавање на една севкупна, сечовечка, универзална биоетика.
Затоа, во основата на дејствувачкиот механизам на целиот невладин сектор, па и поединечно кај секоја невладина организација, основни постулати се добро профилираните и избрани етички вредности според кои се раководат тие, но според кои и се оценува нивната активност и се бараат соодветни резултати. Тоа е така затоа што вредноста претставува избор на она што се смета дека е добро и претставува оградување од она што е зло. Тоа е механизмот на вредноста: оној кој ја избира неа, живее и дејствува според неа, според неа ги планира своите постапки, ги мери своите реализации и ги споредува делата на другите. Во овој контекст вредноста е израз на нашата свест за животот, за односите меѓу луѓето и за нашето постапување. Низ реалните универзални, етички и морални вредности се изразува целосната визија на човекот - како би требало доследно да се живее и постапува. Ова, пак, укажува на тоа дека вредностите, реалните етички вредности не се само инспирацијата за невладините организации, туку и нивни модус вивенди на дејствување и постапување за да ја исполнат својата улога, целта и функцијата - да бидат мост помеѓу граѓанинот и општеството.
Застапувајќи ги овие вредности и, уште повеќе, напорите за нивно промовирање, невладиниот сектор покажува силна волја и намера да ги реализира нив затоа што тие најдобро ги изразуваат човековите цели, интереси, желби и стремежи. Тие се песови-чувари во однос на состојбите во општеството и на нивниот развој во интерес на сите. Преку невладините организации ние ги изложуваме и браниме моралните вредности, а со тоа и ги избираме, градиме, застапуваме, препорачуваме и спроведуваме истите универзални, реални етички вредности. Само преку нивното реализирање, ние може да постапуваме во согласност со добродетелта.
Од друга страна, реалната етичка вредност како најважна човекова внатрешна димензија едновремено е и основен општествен еталон со кој секој од нас најдобро ги мери своите достигања, своите духовни и материјални дострели, а со неа во заедницата се оценуваат ориентациите, чекорите и постапките во нејзините рамки, со што се исполнува уште една задача и цел на невладините организации - да бидат коректив и на општеството и на неговите институции. Затоа е важно која вредност ќе се прифати и ќе се воспостави како највисока, бидејќи од тоа ќе се раководи животната и етичката активност на луѓето, а со тоа ќе се покаже, докаже и вреднува етичката оправданост и нивната втемеленост. Значи, од изборот на вистинските вредности зависи насоката и квалитетот на човековото живеење. Затоа врз оценката за севкупното етичко дејствување влијаат поважните, првично избраните вредности.
Но, тука најмалку се работи само за декларативно ниво на застапување на овие вредности. Тие се инспирација за создавање активистички концепции во невладиниот сектор, а уште повеќе, овој сектор во изминатите години покажа дека поседува намера и сили за нивно реализирање преку својот начин на дејствување. Нивните напори и акции се раководат согласно со прифаќањето на одредените позитивни, добри вредности и со отфрлањето на негативните, лоши вредности. Генерално, и покрај сите разноликости помеѓу невладините организации во однос на методот, предметот на дејствување итн., сепак можеме да извлечеме неколку позитивни реални темелни етички вредности во нивното дејствување, а кои истовремено се смисла на нивното сопствено постоење и кои говорат во одбрана на нивните напори за дејствување во името на подоброто денес и утре.
Исполнувајќи ја ваквата своја улога, задачата и целта, со сигурност може да се каже дека невладините организации стануваат општествена вредност, а станувајќи такви, тие задоволуваат уште една потреба за секој граѓанин, а тоа е дека во катадневниот живот постојано има практични етички ориентири и поле каде ќе може постојано да се самопроверува во однос на одбраните етички вредности за кои се залага и кои се причината на неговото постоење и општественото дејствување.
|
|