Проект на ИФЦ
“Волшебниот свет на рециклирањето”
Во рамките на проектот организиран од Меѓународната финансиска корпорација – ИФЦ, заедно со Движењето на екологистите на Македонија, поддржан од Космофон, од Германос и од Комунална хигиена, над 2.500 ученици од четврто одделение од 35 училишта во целата држава ќе учествуваат во натпреварот на темата „Волшебниот свет на рециклирањето”, како дел од кампањата „Мисли на утре - рециклирај денес”.
Натпреварот ќе се одвива во сите основни училишта во Македонија во категориите литературни творби на темата „Мисли на утре - рециклирај денес”, натпревар во уметнички творби изработени со примена на рециклирањето на темата „Волшебниот свет на рециклирањето” и натпревар во најдобри специјални стории снимени со видеокамери или опишани со фотографски објектив под мотото „Ние сме дел од решението, а не од проблемот”.
„Кампањата ќе трае до четврти април, а нејзината цел е да се подигне јавната свест кај децата и нивното запознавање дека рециклирањето не е ништо страшно и опасно, туку корисно за животната средина”, рече Билјана Георгиевска, раководител на проектот за рециклирање при ИФЦ.
На натпреварот ќе се доделат девет поединечни и три групни награди. Нивното врачување ќе се организира на 20 април по повод Денот на планетата Земја.
За Емилија Трајковиќ-Христова од „Космофон”, оваа иницијатива, која е наменета за најмладите, ќе придонесе кон подобра животна средина, бидејќи, како што рече, децата се амбасадорите во зачувувањето на околината.
С.Н.
|
|