Работни места во граЃанските организации

Раководењето со човечките ресурси - најголема слабост

(Продолжува од претходниот број)

Кај граѓанските организации раководните структури се пропишани со статутот на организацијата и се речиси исти за сите здруженија. Главно, раководната структура се состои од претседател на здружението, извршен одбор и групи кои се фокусирани на одделни прашања во зависност од типот на организацијата. Некаде овие групи како остаток од стариот начин на работа се нарекуваат комисии.

Кај оперативниот персонал има шаренило. За разлика од производните и јавните прет­пријатија, кај овие организации се уште нема стандардизирани работни места, што го оневозможува групирањето и надгра­ду­вањето. Терминологијата којашто се користи за работните места во граѓанските здруженија е преземена од англиското говорно подрачје и често не може да се прилагоди кон нашите услови. Така, во непрофитните организации среќаваме “проектен офицер” или “програм-офицер” од англиското “пројецт/програм оффицер”. Во последно време се користи називот соработник на пректи или програми, што е добро решение и соодветствува на англискиот назив. Прилагодувањето на терминологијата многу зависи и од подготвеноста на луѓето во организациите да ги употребуваат веќе стандардизираните називи на работни места, како на пример обучувач наместо тренер (од англиски “траинер”).

Друг проблем поради кој е отежнато одре­дувањето и спецификацијата на работните места во граѓанските организации е дина­миката на промените. Имено, опкружувањето битно влијае на внатрешните состојби во здружението. Сите промени во надворешните фактори (промена на политиката на дона­торот, нови интереси на организацијата,  промени во социо-економската сфера и сл.) влијаат на основните процеси во орга­низацијата. Со тоа и работните задачи коишто треба да ги остваруваат луѓето во овие организации се менуваат. Праксата покажува дека во текот на една година едно ангажирано лице (член на раководството, активист) во помала граѓанска организација извршува повеќе работни задачи кои тешко може да се спојат во едно работно место (комуникација со јавноста, пишување предлог-проекти, водење евиден­ција на документите и сл). Доколку се направи обид за дизајнирање на работното место, тешко ќе може да се запази некој од крите­риумите за обликување на работата (техно­лошка хомогеност, едукативна сродност, фазна зависност, кадровска континуираност, кадровска оптималност).

Тенденцијата во невладиниот сектор е професионализација на граѓанските орга­низации. Тоа значи дека мора да се работи на формирање внатрешна структура во орга­низациите, надвор од раководната структура (претседател, собрание),  составена од повеќе работни места кои заедно ќе ги остваруваат целите на организацијата. Внатрешната система­тиза­ција ќе опфаќа неколку работни места со доволно широк опфат, но и доволно флексибилни за да можат да се прилагодуваат на честите промени на основниот процес во организациите. Ова може да се постигне со генерички опис на работното место. Кога би се разгледувале основните процеси во граѓанските организации во Република Македонија, може да се заклучи дека најголем број од нив се занимаваат со застапување и информации, а многу помал дел со обука и финансиска поддршка. Според ова, во граѓан­ските организации можат да се фому­лираат барем следниве генерички работни места: соработник на проекти, соработник за односи со јавноста, обучувач, адми­нистра­тивен секретар. Секако, овде не е земена предвид раководната структура во граѓанските организации.

Соработникот на проект самостојно ги води проектите во организацијата, ги идентификува потребите на целната група, формулира проекти, аплицира до донаторите (во согла­сност со внатрешните процедури на орга­низацијата - одобрување од раководството), учествува во спроведувањето на активностите, врши набљудување на активностите и извес­тува за извршената работа. Оваа дефиниција на работното место соработник на проекти дава доволна ширина и можност за следење на динамиката на основниот процес, односно не ограничува во однос на типот на актив­ностите, а сепак јасно ја одредува одговор­носта и надлежноста на извршителот.

Соработник за односи со јавноста е малку поспецифична категорија, но сепак и овде има доволно простор за модифицирање на зада­чите во согласност со промените во процесот. Соработникот за односи со јавноста кому­ницира со медиумите и со пошироката јавност, изработува прес-соопштенија, билтени, написи, лифлети и сл. и се грижи за градење на јавниот имиџ на организацијата.

Обучувачот овозможува поддршка и олесну­вање во процесот на размислување и освес­тување за сопствените потенцијали и знаења на луѓето. Исто така, обучувачот поседува стручни знаења и пренесува знаења и вештини од одредена област. Обучувачот ги одредува потребите од обука, подготвува план и програма за обука, развива материјали и испорачува обука, врши оценка на обуката и известува.

Административниот секретар е универзална категорија во секоја поразвиена граѓанска организација и неговите задачи се да ја води писарницата и архивата во органзацијата, да организира состаноци и средби, да ги инфор­мира членовите на организацијата и да ги води персоналните досиеја.

Доколку во граѓанските организации започне да се води сметка за дефинирање на работните места, ќе се забележат позитивни промени во ефикасноста на работењето и зголемена продуктивност.

Лилјана Алчева-Јовановска

 

Поимник

Анализа на работата: тоа е систематска постапка со која се утврдува природата и содржината на работата (задачите, дол­жностите и одговорностите) условите и методите на работа, како и утврдување на физичките особини на индидвидуата, кои “ги бара работата”. Преку анализата на работата, доаѓаме до описот на работното место.