КОМПЛИЦИРАНОСТА НА ПАЛЕСТИНСКОТО ПРАШАЊЕ

Во потрага по организирана солидарност

(продолжува од минатиот број)

Како да ги смениме стратегиите од реактивни во проактивни?
Предоцна ли е да се смени оваа ситуација? Можеби не, но секако ни треба поинаков пристап и методологија. Се уште можеме да градиме солидарност околу Палестинците од различните меѓународни групи коишто ќе не советуваат. Тие можат да ги пренесат понатаму нашите барања и да ни помогнат со тоа што ќе изградат дискурс којшто ќе стигне до целокупната меѓународна заедни­ца.

Демократските сили во Палестина и Израел, палестинската дијаспора и меѓународните групи за поддршка не можат да си дозволат да чекаат додека ситуацијата не дозволи имплементирање на “Мапата на патот” (Роад Мап) или “Женевските договори” (Генева Аццордс). Треба да им пристапиме на сегаш­ните факти и на најалармантните прашања, како на пример ѕидот на апартхејдот, и да го запреме израелското конфискување на земјиштето, невладеењето на законот и легитимноста на активизмот и критиката.

Основата овде е дека ние, како граѓанско општество, мора да се подготвиме за едно долготрајно залагање и да ја одржуваме борбата жива. Ако не го сториме тоа, не ќе имаме никаква корист од таквата соли­дарност. Најбитната точка, меѓутоа, е како да се постигне договор  во рамките на палес­тинското општество за тоа каде точно сакаме да стигнеме, односно кои се нашата визија и цели. Со цел да се постигне ова, треба да бидеме искрени и транспарентни, а не само да се криеме зад неостварливите желби и слоганите. Кога велиме “сета вистина е во народот”, треба искрено и да го практикуваме тоа. Не можеме да ја организираме под­дршката околу нас кога не сме јасни за она што  го сакаме или пак што сакаме да кажеме.

Јас искрено верувам дека секоја порака може да се чуе доколку е логична и рацио­нална. Палестинците треба да го следат искуството од Јужна Африка и другите успешни меѓународни каузи. Ние треба да научиме дека мобилизацијата не е доволна ако не е организирана. Со цел да постигнеме добро координирано, консолидирано и одржливо движење за поддршка, треба да имаме јасни долгорочни цели и визија и да развиеме промислени тактики и стратегии.

Во моментот, нашата позиција е фрагмен­тирана во различни пораки. Наместо да упатиме една јасна и кратка порака за ставање крај на израелската окупација, да ги разоткриеме сите израелски колонизирани тврдини на западниот брег, Газа и Ерусалим како главен град, да основаме суверена, независна и остварлива палестинска држава и да го имплементираме правото за враќање на сите палестински бегалци, некои од нас бараат право на избор наместо право на враќање; други пак сакаат им отстапиме некои од колонизираните тврдини на Израел; и таа листа продолжува. Овие фрагментирани и нејасни пораки нема да се остварат; барем не од палестинското граѓанско општество, бидејќи ние треба да почнеме да преговараме за нашите права пред дури и да започне официјалниот процес на преговори. Оваа практика само служи да ја искриви нашата порака и да ги збуни нашите поддржувачи. Ние треба да ги советуваме нашите меѓу­народни партнери да го одржуваат и нивниот фокус јасен, а тоа е: имплементација на сите релевантни резолуции на ОН и незастра­нување од “Мапата на патот” и “Женевските договори”, итн.

Штом нашата порака ќе се кристализира, алатките и средствата за поврзување на меѓународните групи ќе можат да се развијат и ќе им обезбедат на меѓународните групи начин за работа во рамките на нивните заедници. Ако нашата порака, нашата цел, нашата визија оста­нат фрагмен­ти­рани и поделени какви што се денес, ние не мо­жеме да се надеваме дека ќе постигнеме консензус на мисле­ње од страна на свет­ското тело, ниту пак солидарност со меѓу­народните групи.

Да се биде демок­рат­ски, отворен и транс­парентен, е првиот и најважен чекор кон стекнување повеќе поддржувачи. Треба отворено да диску­тираме и да ги почитуваме меѓусебните мислења. На критиката треба да гледаме како на поттик, а не како закана.

Вториот чекор треба да биде креирање и инсистирање на наш личен вокабулар и терминологија и непаѓање во замката на користење окупаторски речник и фра­зеологија. Кога ја опишуваме или зборуваме за ситуацијата, мора да користиме наши лични термини како “тврдини” или “коло­нии”, наместо само “населби” или “атентат” наместо “таргетирано убивање”, “ѕид на апартхејдот” наместо “ограда која не дели”, итн.

Понатаму, Палестинците мораат да остварат блиска соработка во работата со Меѓу­народните групи за солидарност во тери­ториите, во Израел и во дијаспората за да изгради една долгорочна визија и цел. За разлика од минатото, претставниците на меѓународната заедница - вклучувајќи ги и групите за солидарност и меѓународната донаторска заедница - не треба да бидат оние коишто ќе одлучат дали Палестинците треба да го прават ова или она; или пак дали оваа или онаа акција е допуштена; Палестинците треба самите да донесуваат одлуки, со добар совет однадвор, а потоа кај меѓународните тела да бараат потврда и поддршка.

Во исто време, ние, Палестинците, треба да ги усовршиме нашите алатки за проценка на овој вид поддршка и врз база на тие про­ценки ќе можеме да изградиме посилни програми и активности. Ако Палестинците можат самите да се организираат и моби­лизираат со искрена поддршка од меѓу­народното движење за солидарност, за една визија и конкретни цели и стратегии, тогаш секако ќе се создаде едно меѓународно барање коешто Израел и неговите под­држувачи нема да можат да го игнорираат.

Рифат Одех Касис 12 јануари 2004