НВО ПАРЛАМЕНТ
Парламент со отворени врати
Коалицијата на невладини организации НВО Парламент, ја лансира идејата за отварање на вратите на државнте институции за граѓаните и за граѓанските здруженија, со цел тие да земаат поактивно учество во процесите на донесување на одлуките и да придонесат кон развојот на демократските структури на владеење. Коалицијата ја сочинуваат осумдесетина граѓански здруженија од цела Македонија.
- Идејата за формирање едно вакво тело во нашата организација не е нова – вели Владо Димовски од Центарот за меѓуетничка толеранција и бегалци (ЦМТБ) од Скопје. - На седми јуни годинава, во организација на Иницијативниот одбор се одржа првата Меѓународна тематска парламентарна конференција, посветена токму на реализирање на оваа идеја. На Конференцијата учествуваа претставници на граѓански организации од Македонија, пратеници од Парламентот на Македонија, претставници од странските амбасади и институции во земјава и експерти од соодветната област. Ги согледавме досегашните искуства во соработката на граѓанските организации и Парламентот во нашата земја, таквиот однос во соседните земји и пошироко. Нешто слично има во Романија, но на локално ниво. Слични форми има и во Хрватска, во Словенија, во Полска, во Бугарија, а граѓански организации учествуваат во Собранието на ООН, како и во Советот на Европа, со право на расправа и без право на глас. Со создавање такво тело, во Македонија, според нас, би се создала реална опозиција на власта, а не партиска, која ќе игра улога на коректор. Затоа, нашите членови не смеат да имаат каква била претходна активна политичка историја - додаде Димовски.
Парламентарните НВО избори ќе бидат распишани во септември, а ќе се одржат во ноември, годинава, покривајќи ја целата земја. Идниот НВО Парламент ќе работи без постојано седиште, ќе се состанува шест пати годишно, ќе има 13 министерства (за финансии и проектни активности, за правда, за евроинтеграции, за надворешни работи, за внатрешни работи, за култура, за образование и наука, за туризам, за животна средина, за локална самоуправа, за меѓуетнички и верски односи, за социјална работа и психосоцијални активности, и за јакнење на капацитетите и кадровски прашања на граѓанските здруженија), а граѓаните ќе можат да се обратат во своето родно место до секоја граѓанска организација учесник во Парламентот. Повеќе информации можат да се најдат на њњњ.манго.орг.мк.
Д. М.
|