|
ФОРМИРАН НАЦИОНАЛНИОТ СОЈУЗ НА СТУДЕНТИТЕ НА МАКЕДОНИЈА
Двата универзитетски студентски сојуза се обединија во еден – Национален сојуз на студентите на Македонија
Сојузот на студентите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” од Скопје и Сојузот на студентите на Универзитетот „Св. Климент Охридски” од Битола, на 25 октомври годинава, се обединија во единствен Национален сојуз на студентите на Македонија. Претседател на новиот сојуз е Дејан Павлевски, досегашен претседател на Сојузот на студентите на скопскиот универзитет, а генерален секретар е Пеце Ѓаковски, досегашен претседател на Сојузот на студентите на битолскиот универзитет. Сојузот има и двајца потпретседатели. Националниот сојуз брои вкупно 10 члена, а надзорната комисија, која има за цел да ја следи работата на Сојузот, ќе брои 3 члена. Единствениот национален сојуз ќе дејствува, отсега, заеднички во однос на работите поврзани со домашната студенстка популација. Меѓународната комуникација, исто така, ќе ја обавува новоформиранот сојуз. Дејан Павлевски, претседателот на Националниот сојуз на студентите на Македонија, по неговото формирање, истакна дека конечно долгогодишните обиди за формирање едно вакво обединето национално студентско тело вродиле со плод. Бидејќи со новиот закон за образование се предвидува организирање приватни универзитети, а со тоа и на нивни студентски сојузи, според Павлевски, обединувањето настанува во вистинско време, зашто тоа ќе оди во прилог на интересите на студентите запишани на овие два, државни универзитети – за уписната политика, за наставата, за стандардот на студентите и за нивното сместување и општо за нивните права. Националниот студентски сојуз е регистриран според Законот за здруженија на граѓани и фондации. Д.М. |