Тема

 ПРЕТПРИЕМНИШТВО

Како до искористени можности?

Факт е дека во 2000 и 2001 година во Македонија беа расположиви околу 100 милиони евра, во вид на кредитни линии и директни вложувања, за развој на претприемништвото, а од нив половината останаа неискористени. Но, одредени модели укажуваат како можат да се искористат...

Маријана Иванова

Претприемништвото, односно развивањето на мали и средни бизниси, е еден од свртувачките лостови кои можат возот на пругата на развојот да го префрлат од еден на дру колосек - покус,пофлексибилен, колосек кој води побрзо кон целта. И покрај тоа што на овој вид стопанска активност и се обрнува доста внимание во последните години; и покрај тоа што постојано се споменува како една од можностите за намалување на сиромаштијата и на невработеноста, за поттикнување на економскиот раст и на ефектуирањето на трудот; и покрај тоа што во земјава се нудат низа кредитни линии и вложувања за нејзин развој - таа сепак останува неискористена шанса. Бидејќи, во периодот 2000-2001 година, од расположивите средства за развој на претприемништвото (како кредитни линии и директни вложувања), искористени беа само 50%.
Зошто упорно можностите ги искористуваме само наполу? Зошто, во периодот кога голем број луѓе останаа без работа, станаа стечајци или пак ја чекаат платата која доцни веќе 12 месеци во претпријатието кое веќе “едвај дише”, не се искористи можноста да се земе заем и да се отпочне сопствен мал бизнис? Со разговорот со г-ѓица Тетјана Лазаревска од Македонската развојна фондација за претпријатија која функционира како дел од МЦМС, се обидовме барем да го навестиме одговорот на ова комплексно прашање, кое има многу аспекти: од психолошки, преку културно-историски,  до политички.

Причини
- Точен е фактот дека во 2000 и 2001 година во Македонија беа расположиви околу 100 милиони евра, во вид на кредитни линии и директни вложувања, за развој на претприемништвото, а од нив половината останаа неискористени, за жал. За ваквата неповолна состојба во развојот на претприемништвото причини има повеќе. Една од нив е несоодветноста на дел од  кредитните линии, иако има и повеќе други. Како на пример - хипотеката како најкористен инструмент за обезбедување кредит, потоа, непресретнувањето на понудата и побарувачката на финансиски средства, недоволната регионална дистрибуција на информации до претпримачите, како и нивната кредитната култура. Ова се само дел од причините, а проблемот е, секако, комплексен - вели г-ѓа Лазаревска, изнесувајќи ги дефинираните проблеми на Средбата “Активности за мали и средни претпријатија во Република Македонија”, која беше организирана во два наврати (ноември 2001 и март 2002 година) во соработка помеѓу МРФП, НЕПА (Националната агенција за развој на мали и  средни претпријатија) и УСАИД проектот “Можности”.
Дефинирањето на овие (покрај другите) причини за непласираните расположиви средства се базираат врз анализата на профилите за одделни кредитни линии и програми кои се нудат во Македонија во оваа област. Но, важно е и тоа што, покрај финансиските услуги, во нашата држава постојат низа организации кои се активни во делот на нефинансиските услуги.
МРФП и НЕПА се дел од нив, а такви услуги нудат и СЕАФ (консултативна помош), СЕЕД (техничка помош), Ленд О’Лејкс, Призма, проектите на ГТЗ, фондовите за развој на одделни градови во Македонија и други.

Успешни модели
- Клучно е да се има информација, а потоа и да се обезбеди консултативна и техничка помош, да се поттикнат и охрабрат луѓето. Ние тоа го правиме во МРФП. Нашата генерална цел е поддршка на можностите за вработување и развој на микро и мали бизниси на неколку целни групи: индивидуални земјоделци, невработени лица и микро и малите претприемачи и нивните вработени. Во јуни годинава заврши Програмата за микро и мали претпријатија (таа беше поддржана од Владата на Кралството Холандија со околу четири милиони евра и од Канадската меѓународна развојна агенција - ЦИДА со околу еден милион канадски долари), која МРФП ја спроведе во соработка со Канадскиот центар за меѓународни студии и соработка - ЦЕЦИ. Со оваа Програма овозможивме заеми од кредитната линија да добијат 1.417 индивидуални земјоделци, 44 мали претпријатија и 150 микро претпријатија. Беа изведени обуки за 480, главно, невработени лица, а 16 земјоделски здруженија добија неопходна опрема и обука за нивните членови, вели г-ѓа Лазаревска.
На деветти декември 2002 година, МРФП го потпиша Договорот за поддршка со Владата на Кралството Холандија. Со тоа, Владата на Кралството Холандија на МРФП & донира над 5,6 милиони евра, од кои 4,9 милиони ќе бидат употребени само за финансиски услуги - заеми и гарантен фонд, а 770 илјади евра за нефинансиски услуги за целните групи на МРФП.
Силните страни кои ја одделуваат МРФП се развојниот фокус, независна, непартиска, со јасна развојна перспектива и визија, посредничка организација, која ги зајаканува капацитетите на другите вклучени институции, поставување на нови основи, иновации според потребите на корисниците.
Со тоа, МРФП ќе може да отпочне да го остварува својот нов предизвик - новиот стратешки план за периодот 2002-2006. Освен постојните услуги, во новиот стратешки план се внесени нови услуги за идните и сегашните претприемачи кои го започнуваат или развиваат својот бизнис: капитална поддршка на микрофинансиските институции, кофинансирањето од финансиските посредници (банките-учеснички) и обезбедување гарантен фонд.
Со тоа, се отвораат нови можности. Нови развојни програми за претприемништвото или, пак, континуитет во постојните програми, секако ќе понудат и другите организации кои работат во оваа област. Од оние на кои им се наменети, зависи дали тие можности ќе ги искористат докрај.