ГРАДЕЊЕ ДОВЕРБА ПОМЕЃУ ЦРКВИТЕ И ВЕРСКИТЕ ЗАЕДНИЦИ ВО МАКЕДОНИЈА ПРЕКУ ДИЈАЛОГ 

Дијалог за доверба

Од 10 до 14 мај, во хотелот „Панорама” во Скопје, во организација на Институтот за глобален дијалог, а со поддршка на МЦМС се одржа меѓународна конференција на темата „Градење доверба помеѓу црквите и верските заедници преку дијалог”.

Конференцијата имаше за цел да ја поттикне довербата и подоброто разбирање помеѓу црквите и верските заедници како придонес за мирот во Македонија, а на неа учествуваа повеќе од 40 меѓународни еврејски, христијански и муслимански научници кои ја избраа Македонија како седиште за својот 24 -ти годишен дијалог. Научниците доаѓаа од Јордан, Индија, Пакистан, Русија, Јапонија, Израел, Турција, Србија, Мароко, Швајцарија, Германија, Франција, Белгија, Англија, Канада, Соединетите Американски Држави и од други држави. На нив им се придружија педесет верски водачи и научници од Македонија.

Воведниот збор го имаа архиепископот охридски и македонски, господин господин Стефан, реиз ул улема Хафиз Ариф Емини од Исламската заедница на Македонија, католичкиот бискуп д-р Јоаким Хербут, пасторот Михаил Цеков од Евангелистичко-методистичката црква и г. Виктор Мизрахи од Еврејската заедница.

 

Во склоп на презентациите на меѓународните научници, учесниците на Конференцијата присуствуваа на религиските миси и служби каде што имаа можност да ги слушнат претставниците на петте поголеми цркви и верски заедници во Македонија. Две од предвидените сесии беа водени во Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски” – Скопје и во Факултетот за исламски науки - Скопје.

На крајот на Конференцијата учесниците усвоија Заедничка порака за понатамошни активности – основање совет за меѓурелигиска соработка, воспоставување редовни средби и контакти и воспоставување соработка помеѓу нивните образовни институции.