погледи: Жаклина Стојановска

Волонтерството, вистински пат до реализација на локални иницијативи

Волонтерската работа се чини во Македонија е само нов поим за она што се практикуваше во претходниот систем, односно во социјализмот

Младински културен центар - Битола од 2004 година започна со промоција на волонтерството и организација на интернационални волонтерски работни кампови со учество на млади од целиот свет.

Од 24 јуни до 4 јули Младинскиот кул­турен центар - Битола го реали­зи­ра кампот “Тумбе кафе” со волон­те­ри од Македонија, Србија и Црна Гора. Волонтерите работеа на уредување на запуштениот простор на познатиот но подзаборавен објект на Тумбе кафе. Тие го исчистија ѓу­брето, ги изрежаа старите дрва и грмушки и поставија канти за отпадоци. Целта на овој камп е повторно заживување на битолското Тумбе кафе. Кампот е само почеток на активностите на МКЦ - Битола во соработка со локалната самоуправа да се ревитализира , санира просторот и понатаму да може да се користи како отворена сцена за концерти, театарски прет­ста­ви, а останатиот дел како уредена трим патека и ЗОО гра­дина.

Минатата година МКЦ - Битола од 20 до 30 август го ор­га­­низираше волонтерскиот камп кој беше дел од младинскиот арт фестивал “Битола отворен град”. Десет волонтери од Србија и Црна Гора, Хрватска, Шпанија, Фран­ција, Велика Британија, Португалија, Јапонија беа логистичка поддршка за фестивалот. Оваа година МКЦ - Битола организира три волонтерски кам­пови.

Од 13 до 23 август кампот Битола отворен град. Пов­тор­но десет волонтери од Србија и Црна Гора, Хр­ват­ска, САД, Јапонија, Данска ќе бидат дел од фестивалот, кој оваа година ќе се одржи од 17 до 21 август.

Третиот камп ќе се реализира од 20 до 30 август во ЗРЦ Стрежево каде 15 волонтери од Чешка, Србија и Црна Гора, Хрватска ќе ги расчистуваат и реновираат спортските игралишта.

Да волонтираш значи да се дадеш себеси, а не дел од тебе, зашто суштината на секое волонтирање е желбата да им се помогне на другите. Има уште мно­гу мотиви кои би ве на­те­рале да волонтирате: жел­­ба за патувања, нови при­јателства, друже­ње, уче­ње на нови веш­тини. Но се­кој волонтер мора да биде отворен за нови предизвици и чувствителност за дру­ги­от.

Волонтерската работа се чини во Македонија е само нов поим за она што се практикуваше во претходниот систем, односно во социјализмот. Така што се уште мо­же­ме да ги пронајдеме темелите и врз нив да про­до­л­жи­ме да го градиме односот кон волонтерството. А на новите генерации да им кажеме како на работните акции работеле и се дружеле нивните родители..

Релацијата помеѓу граѓанскиот сектор, младите и локалната власт е вистинскиот пат врз кој ќе минуваат сите иницијативи и акции важни за подобар живот на за­едницата. Единствено заедичката акција и координа­ци­ја може да донесе успешна имплементација, и нови ини­цијативи.

(авторката на текстот е член на Младинскиот културен центар - Битола, одговорна за односи со јавноста)