ИНТЕРВЈУ

ИНТЕРВЈУ


ДУШИЦА ПЕРИШИЌ, ИЗВРШЕН ДИРЕКТОР НА ЗЕЛС

Децентрализацијата е во функција на граѓаните


ЗЕЛС е сосема отворен за соработка со невладините организации, домаШни и странски. Впрочем, тоа е и стратешка цел на ЗЕЛС. И самите општини поединечно многу соработуваат со невладините организации, а со децентрализацијата таа соработка секако уште повеќе ќе се зголеми...

Марјана Иванова

Г-ѓа Душица Перишиќ, извршен директор на Заедницата на единиците на локалната самоуправа, е дипломиран машински инженер, со 14-годишно „фабричко” искуство во Металскиот завод „Тито”, каде била на различни позиции, меѓу кои раководител на проект а потоа и комерцијален директор. Иако навидум таквото работно искуство нема многу допирни точки со нејзиното актуелно место - извршен директор на ЗЕЛС, сепак, искуството во организацијата на работа, во „директорувањето”, во раководењето на проект (иако од сосема поинаков вид), тимската работа - & помогнаа сосема добро да се снајде и на оваа позиција. Така, таа веќе една година успешно „плива” во разбранетите води на локалната самоуправа и сe она што се случува околу неа, вклучувајќи го и донесувањето на новиот Закон за локална самоуправа со сите промени што тој ги носи.

Со г-ѓа Перишиќ разговаравме сакајќи да придонесеме уште повеќе за меѓусебното запо знавање на локалната самоуправа и невладините организации, со цел да се унапреди нивната соработка.

Г.С. - Претставете ни го накусо ЗЕЛС - каков вид организација е, како работи, која е нејзината стратегија?

Д.П. - Па, и ЗЕЛС е всушност на некој начин невладина организација, иако не е регистрирана според Законот за невладини организации и фондации, туку според Законот за локална самоуправа од 1995 година. Оттогаш постои како ЗЕЛС, но функционира од 1972 година, како Заедница на општините и на градовите на Република Македонија. Улогата на ЗЕЛС е да ги претставува и да ги застапува сите единици на локалната самоуправа пред централната власт, странските држави, агенциите и други субјекти. ЗЕЛС функционира на мошне демократски принципи - во нејзината структура се наоѓаат два дома: Дом на градоначалниците, каде влегуваат сите 124 градоначалници на општините во Македонија и Дом на советниците, во кој влегуваат по еден претставник на 124-те општински совети. Тие одлучуваат заедно за клучните прашања од интерес на локалната самоуправа. Двата дома се среќаваат еднаш годишно. По домовите, следува едно тело - Постојаниот комитет на ЗЕЛС, составен од 30 члена (по 15 од секој дом), кое се состанува еднаш месечно и донесува одлуки за тековното работење. Постојаниот комитет има претседател, кој е и претседател на ЗЕЛС. Моментно оваа функција ја врши Горан Ангелов, градоначалникот на Виница. Исто така, ЗЕЛС има и администрација, сосема мала по обем, составена од три лица: технички секретар, стручен соработник за работа со странство и извршен директор.

Инаку, ЗЕЛС утврди 9 стратешки цели: да стане моќно лоби на единиците на локалната самоуправа пред централната власт; да прерасне во ефикасен центар за услуги за единиците на локалната самоуправа; да обезбеди организациска структура која е флексибилна и ефикасна за остварување на своите функции; да стане финансиски (независна) стабилна организација; да работи на подобрување на способноста и знаењата на избраните функционери во локалната самоуправа; да развие широка мрежа на соработка со меѓународни владини и невладини организации и асоцијации; да обезбеди постојана медиумска поддршка за афирмирање на своите цели и задачи; да развива мрежа на соработка со НВО во Република Македонија и да се залага за заштита на правата на децата.

Г.С. - Минатата година имавте полни раце работа со новиот Закон за локална самоуправа. Каков е ставот на ЗЕЛС во однос на законот и какво учество имаше во донесувањето на овој документ?

Д.П. - Во однос на ЗЕЛС, единствената новина што ја носи Законот е тоа што единиците на локалната самоуправа немаат обврска да членуваат во ЗЕЛС. Тие можат да формираат или да се приклучат кон други организации, но право на носител на називот национална организација има онаа која ќе има членство од две третини од општините во Македонија. Досега ниту една од единиците на локалната самоуправа не излегла, ниту пак најавила дека ќе излезе од членството во ЗЕЛС.

ЗЕЛС инсистираше да се донесе Законот за локална самоуправа. Тој, онаков каков што е, не е идеален, има многу недостатоци, но претставува прв чекор кон децентрализацијата. Сметавме дека е многу важно да се има еден ваков документ, а што се однесува до неговата содржина, таа секогаш може да се менува, дополнува и модернизира. Со донесувањето на овој закон специфицирано е дека треба да се донесат уште осумдесетина нови закони или измени на постојните закони - значи, претстои уште многу работа за создавање нова децентрализирана легислатива од оваа област.

Г.С. - Дали ЗЕЛС покренува иницијативи да земе учество во тој процес на создавање нова легислатива од областа на локалната самоуправа?

Д.П. - Да, активно учествуваме во тој процес. За таа цел, формиравме засега пет комисии, кои работат на некои специфични области. Првата, Комисијата за урбанистичко и просторно планирање, има остварено најголем прогрес во својата работа. Таа е составена, како и сите други комисии, од главна комисија, техничка комисија и експерти однадвор. Таа веќе има изготвено два предлози за донесување на закони - за Закон за урбанистичко и просторно планирање и Закон за изградба на инвестициски објекти. Тие се веќе испратени до Претседателот на државата, Претседателот на Парламентот, до Владата и до нејзините органи и до Делегацијата на Европската комисија во Македонија. Во овие закони ние нудиме решенија од аспект специфичен за локалната самоуправа, со цел она што го регулираат овие два закони да се сведе на локално ниво, да се олеснат постапките, некои надлежности кои се сега премногу централизирани да се префрлат во домен на локалната самоуправа, со што многу ќе им биде олеснето на граѓаните.

Втората комисија е за финансирање на локалната самоуправа. Вистинска децентрализација нема без фискална децентрализација, и поради тоа Законот за финансирање на локалната самоуправа е еден од најважните акти кои треба да се донесат.

Следни се Комисијата за спорт и култура, Комисијата за следење на имплементацијата на Законот за локалната самоуправа, Комисијата за изготвување на предлог-статут на општините, која изготви модел и го испрати до сите општини, кои треба да го прилагодат на своите услови. Во фаза на формирање се уште две комисии - за образование и за здравство, а по потреба, ќе бидат формирани и други.

Г.С. - Една од вашите стратешки цели е да станете финансиски независна и стабилна организација. Како се финансира ЗЕЛС сега?

Д.П. - ЗЕЛС се финансира од членарини. Постојаниот комитет секоја година носи одлука за висината на членарината која ја плаќаат единиците на локалната самоуправа. Веќе неколку години по ред секоја општина плаќа членарина во висина од 0,4% од својот буџет.

Имаме и помош од домашни и странски проекти и програми: Германската техничка помош, ГТЗ, ни ги покрива техничките трошоци, програмата ЛГРП - ДАИ на УСАИД помага во дел на остварување на нашите активности (семинари, средби, работилници), Фондацијата Институт отворено општество Македонија ни обезбеди средства за опремување, а сега со ФИООМ работиме на еден проект за изготвување веб-страници на 15 општини и на ЗЕЛС. ФИООМ донираше компјутерска опрема и покрива трошоци на еден вработен во секоја од тие 15 општини и во ЗЕЛС за период од една година, кој ќе работи на оформување на веб-страниците. Целта е општините да разменуваат информации, а исто така тоа ќе значи поголема транспарентност и на граѓаните ќе им го олесни пристапот до информациите за локалната самоуправа.

Г.С. - Како ЗЕЛС соработува со невладините организации?

Д.П. - Сосема сме отворени за соработка со невладините организации, домашни и странски. Впрочем, тоа е и стратешката цел на ЗЕЛС. Со МЦМС работиме на еден интересен проект - Информатор за општините, во кој ќе бидат внесени сите податоци за единиците на локалната самоуправа. Во декември, минатата година, организиравме саем на општини, на кој учествуваа и НВО. Тоа беше многу добро искуство и планираме ваков саем да организираме и годинава. Покрај тоа, и самите општини поединечно многу соработуваат со невладините организации, а со децентрализацијата таа соработка секако уште повеќе ќе се зголеми.

Закон за град Скопје
„ЗЕЛС се подготвува да покрене иницијатива и за донесување нов закон за град Скопје. Во фаза сме на договори со Амбасадата на Кралството Холандија во Македонија за остварување соработка со ВНГ, холандска организација соодветна на ЗЕЛС, во еден проект за седумте скопски општини и градот Скопје. Имавме состаноци и со ДФИД, кој исто така работи на овој закон, и сугериравме во неговата изработка да се вклучат и претставници на локалната самоуправа, на што претставникот на ДФИД реагираше мошне позитивно .