Улогата на невладините организации во кризата во Македонија (2) 

НВО на патот на мирот

Сашо Клековски МЦМС и уште пет граѓански организации на прес конференција ја соопштија заедничката изјава за ненасилно решавање на проблемите Невладините (граѓански) организации (НВО) имаа значителни активности во кризата во Македонија. Тие беа насочени во повеќе насоки: хуманитарна помош, поддршка на мултикултурна соработка, ненасилни начини на решавање на конфликтите и граѓанска партиципација во одлучувањето. Во две продолженија е направен преглед и оценка на вклученоста на невладините организации. Во првиот, претходниот, дел беа опфатени хуманитарните активности. Во овој, вториот, дел се опфатени активностите поврзани со мирот.

Текот на кризата во Македонија

Кризата започна со настаните во Танушевци, коишто беа потценети, како од политичарите, така и од јавноста, и беа оценети како изолиран настан. Веќе настаните во Тетово, во март 2001 година, внесоа нов развој. На површина, одеднаш, збунувачки и шокантно излегоа нетрпеливоста и насилството како начин на решавање на разликите и проблемите. Започнаа да се редат настани како Липково, Вејце, Битола, Лешок, Арачиново, Карпалак, Љуботен. Насилството, заканите, протерувањето, бруталноста, беззаконието, ги јакнеа тензиите меѓу заедниците и ги поттикнуваа недовербата, сомневањето, стравот и омразата. Во август, 2001 година, веќе се достигна степен на меѓусебно демонизирање и дехуманизирање. Тоа беше прагот на граѓанска војна. Охридскиот договор се случи во моменти на брза ескалација на кризата. Со Охридскиот договор, може да кажеме, започна обратен процес што го намалува насилството, но враќањето на довербата е сe уште во зачеток.

Како одговорија НВО  

За жал, избувнувањето на насилните судири во Македонија несреќно се совпадна со настан организиран од НВО, меѓу кои Сојузот на жените Албанки во Македонија (САЖМ), Тетово, и Форумот за човекови права, Гостивар. И покрај демантите од САЖМ, ова предизвика многу контроверзи и почетна збунетост.

По таа почетна збрка, месец март беше одбележан како „месец на мировни пораки„. Реакции на НВО против насилството стигнаа од Институтот за отворено општество, од Нансен дијалог центарот, од Сојузот на организациите на жените на Македонија, од Ел хилал, од Македонскиот центар за меѓународна соработка. Голем број други граѓански организации се огласија и се согласија дека сакаат мир и ненасилство, меѓусебно почитување и демократско решавање на сите проблеми. Импресивна беше спонтаната поддршка (непобарана) од многу организации, вклучувајќи ги оние со етнички албански предзнак. Со јакнење на тензиите, почнаа да опаѓаат и НВО активностите. Натамошните апели, пораки и декларации за мир ја губат смислата.

Ако активностите за ненасилство беа видливи, тоа не можеше да се рече за НВО активностите за меѓуетничка соработка. Една од ретките видливи кампањи што ја промовираа мултикултурата во изминатиот период беше „Неограничен мир„, организирана од „Цивил„. Тука веројатно се низа други помалку видливи активности.

Во втората половина на годината започнаа активности за граѓанската партиципација. Тука имаше неколку значајни активности, како кампањата ДОСТА Е, поддржана од широка колација на НВО и граѓани, а со значајна улога на Фондацијата Институт отворено општество Македонија.
Поддршка на Рамковниот договор со медиумска кампања беше организирана и од Коалцијата за мир.

НВО на патот на мирот

Активностите за поддршка на ненасилството се исцрпија со апели, пораки и декларации за мир. Она што можеше да се направи краткрочно – да се охрабруваат настапите во јавноста на умерените лидери и познатите личности, да се охрабруваат оние кои размислуваат поинаку јавно да се спротивстават на етничкиот екстремизам и насилство, каде лидерите на граѓанските организации треба да водат со личниот пример, не се направи. Можеше да се стекне впечаток дека екстремистите успеаја да ги замолчат умерените. Посебно отсуствуваше осудата на насилството од сопствената група. И кога некој се охрабри, како Хелсиншкиот комитет за човекови права, се случи жесток напад, за пример за сите останати.

Јавниот впечаток можеби е полош за учинокот за поддршка на мултикултурната соработка. Дури и НВО активистите ќе кажат „НВО не направија ништо”. Еден наш стручњак за граѓанско општество ќе каже „колку повеќе проекти за меѓуетничка соработка, толку полоши односи”.

Ова е веројатно еден од најпогрешните заклучоци. Зошто? НВО направија тоа што можеа. НВО се едни од ретките сегменти во општеството со зачувани односи, без разлика на припадноста. Се очекуваат видливи, а сепак невидливите активности на ниво на заедници се оние што се битни. А тоа се конкретните активности каде врз заеднички прашања и проблеми се гради меѓусебното разбирање. Без разлика дали тие проблеми се инфраструктурни, или за заштита на средината, или за семејното насилство, или... Сепак, можно е погрешниот впечаток да е изграден врз основа на „проектите” што некритички пренесуваат странски модели за кои треба време да се прилагодат и да се прифатат. 

 
Обичните граѓани можеби имаат чувство дека не можат да влијаат на прашањето на војна или мир. Текот на настаните го зајакнува тоа чувство, а Охридскиот договор го потврди тоа. И тука се случи класичното подметнување на „моќните”. Го направија Охридскиот договор без учество на граѓаните, а одговорноста за неговото спроведување ја лоцираа кај граѓаните (и нивните организации). Секако, и меѓународната заедница се вклучи во поддршката на договорот, во одредени случаи со многу несмасна и невкусна медиумска кампања, што постигнуваше спротивен ефект. Среќа, не многу домашни организации ја прифатија улогата на домашни поддржувачи на ваквите кампањи. Од друга страна, иако исклучени од одлучувањето, граѓаните (и нивните организации) организираа и релативно успешни работи, како кампањата ДОСТА Е, или пак некои од медиумско-граѓанските акции.

Иако резултатите изгледаат скромни, тие се во согласност со можното и со реалното. Тие претставуваат добра основа за натамошна работа. Граѓанските организации можеби ќе ја имаат клучната улога на патот на мирот. Мирот и стабилноста, просперитетот и демократијата, се дело и одговорност на сите граѓани и граѓански организации. Само така тие ќе бидат долгорочно одржливи. 

ДОСТА Е
Платформата за граѓанската акција ДОСТА Е претставува резултат на напорот да му се овозможи на невладиниот сектор и пошироко, на граѓанството, да одговори на кризата во Македонија што експлодира минатата година. Мобилизацијата започна со апелите „За мир” и „Против безумието”. Потоа беа отворени две телефонски линии (на македонски и на албански јазик) на кои граѓаните одговараа на прашањето: Што ве плаши најмногу овие денови? Одговорите, што не се однесуваа само на воениот судир, ја иницираа средбата на повеќе од 100 невладини организации, во јуни, 2001 г., од која произлегоа слоганот и кампањата ДОСТА Е.
Потпишувањето на Рамковниот договор ја иницира втората средба одржана во Скопје на 30 август, на која беше иницирана втората фаза на ДОСТА Е. Во тираж од 100.000 примероци беше отпечатена и беше дистрибуирана брошурата „Перспективите на Рамковниот договор – можно видување за платформа за акција на НВО секторот во РМ”, во која беше објавен и интегралниот текст на Рамковниот договор на македонски јазик. Потоа, беа доделени 50 грантови за активности на НВО (главно надвор од Скопје) за приближување на Рамковниот договор до граѓаните. Следуваше втората фаза на кампањата КОЛКУ ДОБРА МОЖЕ ДА БИДЕ ЕДНА РАМКА, ЗАВИСИ ОД НАС. Сите фази на кампањата беа водени на шесте јазици што се зборуваат во Македонија. ФИООМ

 
Долгорочните стратегии ќе направат разлика
Брендан Мак Алистер, од Медијациската мрежа на Северна Ирска, Белфаст
Од нашето сопствено искуство, ние знаеме дека во време на зголемени тензии постојат секакви нереалистични очекувања за тоа што граѓанските организации можат да сторат за да се олесни состојбата. Долгорочните стратегии ќе направат разлика и за тоа се потребни соодветни ресурси и многу трпение.
 
 
Oценка на придонесот на НВО
Катерина Блажевска, уредник, Дневник
Улогата на НВО во промоцијата на ненасилството и мултикултурната соработка може да биде многу значајна, особено во овој исклучително сензибилен период на политички и на безбедносен план. НВО и досега можеа да се пофалат со огромен "минат труд" во насока на дестилирање и форсирање на граѓанските принципи на општеството, но нивната улога во земјава во моментов е осудена на многу контроверзи. Тоа е резултат на нарушената безбедносна состојба, во која многу НВО, односно нивните спонзори, беа перципирани како продолжена рака на "лошите намери на меѓународната заедница". Таквата диоптрија низ која се опсервира(ше) работата на НВО, може значително да ги намали ефектите од нивната работа и да придонесе за тивка маргинализација на нивните активности. 

Владимир Милчин, извршен директор, Фондација Институт отворено општество Македонија.
Невладиниот сектор кај нас е расцепкан и некоординиран. Власта во Македонија отсекогаш го игнорираше невладиниот сектор. Партиите го зацврстија својот монопол врз општеството. Меѓународната заедница нема изградено стратегија за јакнење на цивилниот сектор во Македонија. Објаснувањето за слабостите и за бавноста во реакцијата на НВО за време на кризата треба да се бараат, пред с#, во погоренаведената дијагноза. Па дури и кога станува збор за НВО кои и претходно направиле многу за промоција на ненасилството и за развивање на мултикултурната соработка. Сепак, она што јас го нарекувам „архипелаг на отвореното општество” брзо го надмина грчот и почна да се огласува. Најпрвин против војната, на крајот во поддршка на Рамковниот договор. Без оглед на фактот дека Рамковниот договор беше договор на најмоќниот дел на политичката елита.

Слободан Ковачевски, градоначалник на Куманово
Невладиниот сецтор, како во државата, така и во општината Куманово, особено во последните години, доживува невидена експанзија. Поразвиен НВО сектор повлекува подемократски процеси и заштита на интересите на голем број луѓе.
Во годината на кризата, 2001, па и во оваа година, во општината Куманово НВО беа мошне активни, а ние како локална самоуправа, и јас како градоначалник, остваривме непосредни заеднички контакти и соработка за повеќе проекти. Овде би ги истакнал оние што особено беа од пошироко општествено и актуелно значење. Имаше активности за афирмација на потребата за мир и стабилност во државата (кризниот кумановско-липковски регион), потоа, активности за ширење на довербата спрема меѓународниот фактор и спрема НАТО алијансата (Охридски договор 2001), хуманитарни активности од НВО во врска со раселените лица во Куманово и непосредно во населбите во општината Липково, како и активности во времето на кризата со вода за пиење во градот Куманово.

Ибрахим Мехмети, Потрага по заедничка основа
Иако НВО во Македонија имаат огромен простор за работа и за промоција на вредностите за кои декларативно се залагаат, тоа, за жал, многу малку се случува. Ве текот на минатата година Македонија беше соочена со голем број насилства, било воени, за време на познатиот конфликт, било семејни, каде што жртви беа дури и малолетни деца, или пак насилства каде што актери беа групи млади од различни етнички заедници, но и покрај постоењето на многу организации кои декларативно се залагаат за ненасилство, конкретна акција речиси не видовме.
Уште помалку НВО се искажаа во поглед на промоција на мултикултурна соработка. Таа соработка е тешко видлива и во самите НВО кои во голем број случаи се одраз на општата слика и пракса во земјата.
Посебен момент во инертноста на НВО претставува потценувачкиот однос на медиумите, односно јавноста, спрема значењето на НВО. Тоа најдобро се виде за време на минатогодишниот конфликт и за време на договорот од Охрид. Медиумите не беа заинтересирани за промовирање на гледиштата на НВО, поради старата пракса која речиси не се менува, но уште позначајно е што самите НВО влегоа во шемата на етничките поделби и со самото тоа не беа во можност да се понудат како квалитативна трета страна во политичките договарања. Ваквата слика се повторува и во сите други прилики кога НВО би можеле да имаат поактивна улога. 

Мухамед Точи, ХДЗР Месечина
Во улогата на НВО во кризните ситуации се чувствуваше едно ниво на добро организирана стратегија/и, од причина што за време на косовската криза, па и за време на кризата на одредени региони од Република Македонија, НВО ја одиграа својата улога со формирањето на координациите на локално и на национално ниво, вклучувајќи и дел од владините/државните министерства.
Во овие координации партиципираа НВО од различна етничка припадност, организации кои работат и кои се грижат за своите цели, а со тоа и за развојот и за промоцијата на мирот во такви исклучителни состојби.
Во такви кризни состојби на НВО не им преостануваше ништо повеќе отколку:
Да мирува и да ја следи ситуацијата и притоа да не преземе никакави активности;
Да ги следи настаните и да се активира тогаш кога смета дека може да даде придонес;
Да се приклучи кон некоја организација која има иста или слична визија со неговата, со докажани искуства од таа област за коишто тој има интерес;
Секогаш да презема активности и да сноси одговорност на индивидуално ниво.
И да не должам многу мислам, дека со сето ова погоренапишано НВО во Република Македонија имаа и свој дел во постигнувањето на делови од рамковниот договор во Охрид. Останува на политичарите тоа во целост и еднакво за сите да го имплементираат.
Околу ова постои и поделено мислење за Рамковниот договор во три насоки:
1. Е прифатен и во целост разбирлив;
2. Е прифатен по пат на сила (да нема веќе војна) и не е разбирлив;
3. Не е прифатен заради времето во кое се носеше (пукање, заробеници, условувања и др.).