Флорозон
Работа на спроведување на Архуската конвенција
Граѓанската организација Флорозон, која работи на заштитата на природната средина и одржливиот економски развој, својата мисија ја фокусира на унапредување на човековата средина и правата за животната средина и обезбедување развој во општеството за подобар квалитет на животот и за безбедна средина.
Во нејзините цели е вброено: решавање на проблеми со животната средина и обезбедување одржлив развој на општеството преку примена на правото; соединување на фундаменталните принципи на екологијата и правдата преку меѓународното право; силен национален правен систем за животна средина; едукација и обука на одредени целни групи за животната средина, како и нудењ бесплатна правна помош во поглед на нејзината заштита. Своите проекти Флорозон ги реализира на локално и на национално ниво.Во рамките на организацијата функционира правна канцеларија за спроведување на Архуската конвенција, која нуди помош при барање информации за изворите на информирање за состојбата со животната средина, за начинот на вклучување во процесот на донесување одлуки, за прашања поврзани со животната средина, како и бесплатни правни совети и бесплатно судско застапување, при нарушено право на здрава животна средина.
„Преку Правната канцеларија за спроведување на Архуската конвенција, започнавме со едукација на целокупната јавност и на локалната власт, едукација на судовите за запознавање со конвенцијата и нејзина примена во неколку градови во Р. Македонија. Истакнуваме дека владата, локалните власти, граѓанските организации, треба да играат важна улога при примена на оваа конвенција. Освен тоа, нашата организација пристапи кон градење на капацитетите во правосудниот систем за практична примена на Архуската конвенција - Право на пристап до правдата, а за тој проект добивме посебна дозвола и поддршка од Министерството за правда. Корист од одржаниот семинар имаа сите претставници од 25 судови во земјава. Семинарот беше реализиран со експертски тим од ЕМЛА (Енвиронмент Мнагамент анд Лањ Ассоциатион) од Унгарија, предводен од д-р Сандор Фулоп. Во моментот е во тек изработка и прирачник за Правото на пристап до правдата, кој ќе биде дистрибуиран до сите судови, граѓански организации, Министерството за правда и Министерството за животна средина и Канцеларијата на Народниот правобранител. Целокупната програмата за спроведување на Архуската конвенција од март 2005 г. е поддржана од ДЕФРА (Департмент фор Енвиронмент Фоод анд Рурал Аффаирс) и од Британската амбасада во Скопје” - изјави раководителот на организацијата, Кирил Ристовски.
К.Б.
|
|