НАСТАНИ ХЕНДИКЕПИРАНИ УСПЕШНА АКЦИЈА И ДОБРА РЕАКЦИЈА


Платформи и коси рампи за луѓето во колички
 
Здружението "Полио плус" постави неколку инвалидски колички пред скалилата кои се пречка за движење на хендикепираните лица, по што веднаш следуваше позитивна реакција - поставување коси рампи и изработка на платформи. - Нивната акција ме поттикна да се зачленам во здружението и тоа е засега единственото здружение во кое членувам, вели г-ѓа Кристина Дикинсон, сопруга на амбасадорот на Велика Британија во нашата држава.

Една акција, која беше организирана речиси спонтано, „од срце” и со апсолутен волонтеризам, покрена реакција која значително ќе & го олесни животот на една група граѓани. На неколку места во Скопје, Тетово и Гостивар, по акцијата која на Денот на хендикепираните (3 Декември) ја организираше здружението „Полио плус” – постполио група за поддршка, беа поставени или се во фаза на поставување коси рампи за луѓето кои се движат со колички.
Иако станува збор за само неколку вакви рампи, со кои во никој случај не е сосема решено движењето на хендикепираните, во „Полио плус” тоа го сметаат за голем успех, бидејќи нивната акција, која траеше само еден ден, предизвика голем интерес и допре до неколку места кои се клучни за решавање на состојбата.

Без реакција од пратениците
- Решивме, сосема спонтано, меѓународниот ден на хендикепираните да не го прославуваме со собири и говори, туку поставивме неколку инвалидски колички со пораки испишани на обичен лист хартија, на места каде нема пристап за нив. Во Скопје – пред Правниот факултет, во Гостивар пред едно основно учлилиште и во Тетово пред Заводот за вработување. За само два часа откако ја виде количката, директорот на тетовскиот Завод за вработување повика луѓе да постават коса рампа, директорот на училиштето во Гостивар се понуди тој самиот да постави рампа, а во Скопје, имаше слична реакција кај деканот на Економскиот факултет. За
оваа наша акција тогаш пишуваа и медиумите, така што за неа се заинтересира и фондацијата „Благовестие”, која одлучи да вложи средства, собрани на новогодишниот бал што го организираше, во коси рампи и платформи во вид на лифтови на сите факултети во комплексот на Бит-пазар. Во моментов се работи проект и очекуваме таквата опрема наскоро да можат да ја користат оние кои студираат, работат или пак доаѓаат на Правниот, Економскиот, Филозофскиот, Филолошкиот и Интердисциплинарните студии по новинарство, а се движат со колички. Исто така, коса рампа е поставена и на влезот во Музејот на град Скопје, каде учествувавме на изложбата „Ние сме еден свет”, организирана од здружението „Цивил” и „Благовестие”.
Покрај поставувањето на количките и учеството на изложбата, нашата акција опфати и писмо кое го пративме до сите пратеници одделно и кое, во вид на отворено обраќање, го испративме до медиумите. Од пратениците баравме да се обратат во наше име, за нашите права, да лобираат за нас. Немавме одговор ниту реакција од ниту еден пратеник. Но затоа, многу позитивно реагираа граѓаните и медиумите – вели г. Звонко Шаврески, претседател на „Полио плус”.

Позитивна филозофија
По изведувањето на оваа акција, „Полио плус” доби уште еден член – сопругата на амбасадорот на Велика Британија во нашата држава, г-ѓа Кристина Дикинсон. Таа ни изјави дека „Полио плус” е единственото здружение во кое членува, а била поттикната да се зачлени токму од декемвриската акција.
- Работам во здружението полно работно време. Мислам дека акцијата што ја организираа беше многу ефектна и професионално изведена. Важно е да се работи на јакнење на свеста на луѓето, но не да се бара сожалување, туку конкретна помош. За жал, има многу нешта кои не се решени, не само во Македонија, туку и други држави, меѓу кои и мојата. Мислам дека „Полио плус” има потенцијал да помогне хендикепираните да ги добијат своите права – затоа сум и нивни член. Ми се допаѓа филозофијата на здружението – ако хендикепираните ги добијат своите права, се олеснува животот на сите, бидејќи тие се оспособуваат да се грижат самите за себе си и не им се на товар на своите блиски – ни изјави г-ѓа Дикинсон.
Во „Полио плус”, појаснувајќи ја својата филозофија, велат дека не бараат сожалување, туку умна и иницијална помош за остварување на нивните граѓански права.
Она што е за посебно одбележување е дека споменатата акција се изведе волонтерски, без грант или каква било друга помош отстрана, па дури без да се земе и денар од касата на здружението. Во монтирањето на основите на кои беа поставени количките, нивниот транспорт до локациите во Скопје, Гостивар и Тетово, како и се` што ја следеше акцијата, учествуваа со сопствен труд и сопствени средства членовите на „Полио плус”.
- Оваа година е прогласена за Меѓународна година на волонтерството, па сакавме да дадеме свој придонес и во таа манифестација – вели г. Шаврески. - Исто така, сметавме дека ако човек со одредена постапка навистина сака да каже нешто што излегува од длабината на неговото срце, тоа треба да го стори самиот, без ничија помош, ако може. Мислевме дека не е личен протест ако некој го плати. Сакавме, исто така, да покажеме дека и многу нешта можат да се направат без помош, со сопствено ангажирање на граѓаните и нивните здруженија.