ЈАВНОСТА ВО РАБОТАТА НА ГРАЃАНСКИТЕ ЗДРУЖЕНИЈА
Јавност за градење доверба
Јавноста во работата на здруженијата на граѓани е концепт кој е зацртан во Законот за здруженија на граѓани и фондации и согласно на тоа секое граѓанско здружение би требало да го дефинира во својот статут
Сунчица Саздовска
Јавност во работата подразбира редовно известување на членовите на здружението, известување на другите здруженија и јавноста за работењето и активностите на здружението, за спроведувањето на програмските задачи, известување за изворите и користењето на ресурсите, како и за материјално-финансиското работење.
Јавноста во работата на здруженијата на граѓани е концепт кој е зацртан во Законот за здруженија на граѓани и фондации и согласно на тоа секое граѓанско здружение би требало да го дефинира во својот статут. Но концептот на јавност во работењето е важен не само по себе и затоа што тоа го бара Законот, туку и од низа други аспекти. Така јавноста во работата придонесува кон: - градење на добар имиџ на организацијата; - градење на кредибилитет на организацијата и кредибилитет на граѓанските здруженија воопшто; - подобрување на меѓусебната доверба и соработка меѓу здруженијата на граѓани; - пренесување на пораката на визијата и мисијата на организацијата до поширок круг од целната група и јавноста; - градење на доверба кај донаторите; - создавање добра основа за отпочнување и остварување на активности за мобилизација на приходи и обезбедување одржливост на организацијата.
Остварување на јавноста
Постојат голем број на медиуми преку кои граѓанските здруженија можат да ја остваруваат јавноста во работењето: годишни извештаи (вклучувајќи финансиски и надворешен ревизорски извештај), брошури, билтени, прес соопштенија, промотивни материјали и настани, прес конференции, посебно популарните во последно време веб страници и др. Изборот на најсоодветен медиум за остварување на својата јавност здруженијата на граѓани треба да го направат базирајќи се на тоа до кого треба информациите да стасаат избирајќи најрелевантен и најефективен медиум.
Преку јавното презентирање здруженијата на граѓани треба да создадат слика за себе, одговарајки си на прашањата: Кои сме? Што работиме? Како работиме? Зошто го правиме тоа?
Здруженијата на граѓани може да ја остваруваат јавноста во повеќе насоки: внатре во самата организација, што би подразбирало во однос на сопствените органи на здружението и членовите, потоа кон целната група, кон донаторите и кон пошироката јавност.
Примери од праксата
На пример јавноста на работењето во рамките на самата организација Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените ја практикува на повеќе начини: секоја недела во извршната канцеларија се организираат информативни состаноци на вработените. На овие состаноци се разменуваат информации за текот на работата во рамките на сите програми. Извршниот одбор се информира на редовни месечни состаноци, а Генералното собрание се среќава најмалку еднаш годишно каде се презентираат годишните извештаи и планови.
Обезбедувањето јавност во рамките на самата организација има малку поинаков аспект кај организациите со многубројно членство и чадорските организации кои треба да направат напори инфромациите за работата да бидат достапни до сите членови, а истовремено да се обезбеди тек на информации и во обратна насока. Движењето на екологистите на Македонија е здружение кое обединува 30 еколошки друштва, како редовни и 16 други организации и институции, како придружни членки. ДЕМ има воспоставено систем на јавност кој се остварува преку Координативниот совет и Извршниот одбор, кои се составени од претставници на сите 30 еколошки друштва - членки. Тие се состануваат редовно, а на состаноците се презентираат периодични и годишни извештаи. Јавноста во работењето, меѓу другото, во голема мера придонесе ДЕМ да изгради кредибилитет и да стекне доверба не само меѓу организациите членки, туку и пошироко на меѓународно ниво, а особено во регионот. Така организациите партнери во проектот Мрежа на еколошки невладини организации од Југоисточна Европа на ДЕМ му ја доверија улогата на главна канцеларија на Секретаријатот на проектот.
За Центарот за Мултикултурно Разбирање и Соработка јавноста на некој начин претставува метод за контрола на работењето. Веќе 5 години наназат ЦМРС публикува годишни извештаи, а на секои шест месеци го издава и својот билтен. Годишните извештаи презентираат податоци за организационата структура, вклучувајќи ги податоците за лицата вклучени во Советот и вработените, податоци за годишната програма и реализираните проекти, вклучувајќи го и идентитетот на непосредните корисници. Годишниот извештај ЦМРС го дистрибуира до амбасадите, донаторите, до други здруженија на граѓани со кои се остварува соработка. Во 1997 ЦМРС на сопствена иницијатива направи надворешен независен мониторинг на сите аспекти од своето работење, вклучувајќи го и финансиското работење, а извештајот од него беше презентиран пред донаторите. Се планира публикуваниот годишен извештај за 2001 година за прв пат да содржи и целосен финансиски извештај, а се размислува и во насока на надворешна финансиска ревизија. Воспоставениот принцип на јавност, отвореност и искрен однос кон донаторите, подготвеноста да се стават на увид сите аспекти на работењето, како и сопственото презентирање во јавноста придонесоа во изминатиот период ЦМРС да изгради кредибилитет во јавноста, а истовремено да воспостави партнерски односи со своите донатори, кои обезбедуваат финансиска стабилност на ЦМРС веќе 5 години во континуитет.
Информирање и евалуација
Презентирањето на своето работење во јавноста граѓанските здруженија не смеат да го занемаруваат, туку треба да го практикуваат на што е можно поотворен и искрен начин, вклучувајќи ги тука и податоците за изворите и начинот на користење на финансиските средства. Ваквиот пристап треба да придонесе кон рушење на сомнежите на јавноста поврзани со невладиниот сектор.
Доколку здруженијата на граѓани не се во состојба да презентираат веродостојни податоци од своето работење многу е тешко да се очекува дека ќе можат „да се продадат себеси и своите продукти” на јавноста и на потенцијалните донатори и спонзори. Известувањето за ефективноста во работата треба да се базира на веродостојни показатели, а не на впечатоци и паушални изјави. Во таа смисла особено е важно повремено да се свртиме наназад и да направиме издржана евалуација на спроведените активности, која покрај тоа што ќе биде основа за идно планирање, ќе биде и извор на објективни информации за нашата работа кои ќе можат да бидат презентирани и пошироко.
|