Новини во Законот за сметководство за непрофитни организации
Специфичности на сметководството на непрофитните организа
Во последните месеци од 2006 година Владата на РМ покрена низа промени во таканареченото даночно законодавство. Како последица на тоа битно ќе се измени опкружувањето и условите за работа на стопанските субјекти и на граѓанските организации. Поради тоа, Граѓански свет, веќе неколку броја наназад оваа страница им ја посвети на тие измени. Во овој број читајте за сметководството на непрофитните организации и тоа за измените кои се на сила од почетокот на 2007 година. Основната разлика во изготвувањето на годишната сметка кај непрофитните организации и трговските друштва, произлегува од начинот на признавање на приходите и расходите според сметководственото начело на модифицирано настанување на деловните промени, односно трансакции, кое е дефинирано во членот 13 од Законот за сметководството за непрофитните организации.
Кога ги разгледуваме специфичностите треба да се има предвид членот 13 од Законот за сметководството за непрофитните организации кој гласи:
1) Признавањето на приходите и расходите на непрофитните организации се спроведува според сметководствено начело на модифицирано настанување на деловните промени, односно трансакции.
2) Сметководствено начело на модифицирано настанување на деловните промени односно трансакции од ставот (1) на овој член значи приходите да се признаат во пресметковниот период во кој што настанале според критериумот на мерливост и расположливост. Приходите се мерливи кога можат да се искажат вредносно. Приходите се расположливи кога се остварени во пресметковниот период или во рок од 30 дена по истекот на пресметковниот период под услов приходите да се однесуваат на пресметковниот период и служат за покритие на обврските од тој пресметковен период.
3) Сметководствено начело на модифицирано настанување на деловните промени односно трансакции од ставот (1) на овој член значи расходите да се признаваат во пресметковниот период во којшто настанале или во рок од 30 дена по истекот на пресметковниот период, под услов обврската за плаќање да настанала во тој пресметковен период.
4) Ставките на залихите на материјали се признаваат во расходи по набавна вредност. Набавната вредност ја сочинува куповната цена, зголемена за увозните царини, данок на додадена вредност, издатоците за превоз и сите други издатоци кои директно може да се додадат на набавната вредност, односно на трошоците за набавка, намалени за дисконти и за рабати.
Исто така треба да се има и предвид членот 18 од Правилникот за сметководството за непрофитните организации кој гласи:
1) Признавањето на приходите и расходите на непрофитните организации се спроведува на начин утврден во согласност со член 13 од Законот.
2) Приходите на непрофитните организации, се сметаат како расположливи во смисла на член 13 став (2) од Законот кога приходите се остварени (наплатени) во пресметковниот период на кој се однесуваат, односно до 31 декември во тековната деловна година или остварени (наплатени) во рок од 30 дена по истекот на пресметковниот период на кој се однесуваат, односно до 31 јануари во наредната година под услов приходите да се однесуваат на пресметковниот период и да служат за покритие на обврските од тој пресметковен период.
3) Расходите на непрофитните организации во смисла на член 13 став (3) од Законот се признаваат во пресметковниот период во којшто настанале, односно до 31 декември во тековната деловна година доколку се платени во пресметковниот период на кој се однесуваат, односно до 31 декември во тековната деловна година или платени во рок од 30 дена по истекот на пресметковниот период, односно до 31 јануари во наредната година под услов обврската за плаќање да настанала во тој пресметковен период.
4) Расходите за трошење на краткорочни средства и тоа:храна, медицински материјали и лекови, се признаваат во моментот и во висина на настанување на вистинското трошење.
Ова начело всушност значи следно:
1.Приходите се признаваат во пресметковниот период во којшто настанале според критериумот на:
а) мерливост (да може да се искажат вредносно), и
б) расположливост (да се остварени, односно наплатени најкасно до 31.01.2008 година, а да се однесуваат на претходната година и да служат за покритие на обврските од 2007 година).
2.Расходите да бидат платени до 31.01.2007 година.
Овде треба да се напомене дека, доколку во 2007 година сте платиле некоја стара обврска од 2006 година или порано, а која обврска како расход била вклучена во билансите од минатите години, истата нема да влезе како расход во билансот за 2007 година. Истото се однесува и за приходите и наплатените побарувања од минати години.
Амортизацијата на долгорочните средства ги намалува и изворите на финансирањето, се врши со посебни стапки, праволиниски и граничниот поединечен износ е 100 евра.
Ситниот инвентар се отпишува еднократно при набавката.
Ревалоризација се врши во исклучителни случаи кога инфлацијата е повисока од 30%.
(Здружение на сметководители на невладини организации во Македонија) Александар Бужаровски дипломиран економист
|
|