Буџетот на РМ, буџетскиот процес и учеството на граѓаните
Буџетот слика за приоритетите на Владата
За прашањето на државниот буџет, како област која се однесува на планирањето на приходите и трошоците на јавниот сектор, во Македонија се дискутира единствено во институциите и академските кругови. Јавноста има многу малку познавања од оваа област. Но, како земја со високо ниво на корупција, потребно е да се обезбеди поширока достапност и разбирање на финансиските податоци кои се релевантни и за јавноста. Тоа ќе овозможи повеќе чинители во општеството да влијаат врз одговорно и отчетно раководење на јавните средства. Со намера да даде придонес кон тоа, Граѓански свет во овој и во следните два броја ќе ги презентира основните концепти поврзани со државниот буџет, процесот на неговата подготовка и можноста граѓаните да остварат влијание.
Дефиниција за државниот буџет
Државниот буџет е финансиски план кој ги презентира предвидените приходи и трошоци на владата за годината која следува. Владата ги планира приходите кои се прибираат во текот на годината и начинот на кој треба да бидат собрани тие и ги планира трошоците, односно парите кои ќе бидат потрошени и начинот на кој ќе се трошат тие.
Административната дефиниција дадена во Законот за буџети на Република Македонија (Службен весник бр. 35 од 07.05.2001) вели дека „Буџетот претставува годишен план на функциите и обврските на Република Македонија, на единиците на локалната самоуправа и на фондовите, а се состои од годишна процена на приходите и трошоците по намени”. Овој закон го дефинира начинот на кој државниот буџет се планира, подготвува, одобрува, спроведува и контролира.
Буџетски дефицит и јавен долг
Кога приходите се еднакви на трошоците, буџетот е балансиран. Кога приходите се повискоки од трошоците, во буџетот се јавува суфицит, и обратно, кога трошоците се повисоки од приходите, се јавува дефицит. Во случај на дефицит, Владата мора да позајмува или да издава пари.
Јавниот долг се дефинира како акумулирани позајмици на државата или вкупни обврски на Владата во даден момент. Јавниот долг може да се класифицира како домашен и странски, во зависност од тоа кои се кредиторите, односно дали тие се наоѓаат во земјата или надвор од неа.
Функција на буџетот
Државниот буџет има три главни функции:
1. Да ги покаже главните цели на Владата за дадената фискална година;
2. Да служи како инструмент кој & овозможува на Владата да влијае на економската ситуација во земјата;
3. Да служи како систем со кој се остварува контрола на прибирањето и трошењето на буџетските средства.
Владата преку својата фискална политика ги дефинира методите и активностите кои ги користи за да ги најде, прибере и ефикасно искористи ресурсите за спроведување на нејзината програма. Фискалната политика е најважниот дел од економската политика, вклучувајќи ги политиките кои обезбедуваат прибирање на приходите во буџетот, политиките за буџетското трошење и администрирање на јавниот долг.
Фискалната политика се користи да се стабилизира економијата кога таа е во опаѓање или има висока инфлација. Кога економијата е во опаѓање, БДП исто така опаѓа, потрошувачите трошат помалку, компаниите не инвестираат и отпуштаат работници. Владата може да го запре овој пад и да ја стимулира економската активност со зголемување на побарувачката преку зголемување на јавната потрошувачка, што води до зголемување на БДП.
Структура на буџетот
Во Македонија државниот буџет има две нивоа: буџет на државата (кој ги вклучува и буџетите на независните фондови) и буџети на единиците на локалната самоуправа. Со цел да се утврдат вкупните приходи и трошоци, овие буџети се сумираат и се презентираат како единствен буџет: државен буџет.
Приходите во буџетот се прибираат главно преку даноци, такси и приходи остварени од јавните претпријатија.
Трошоците во буџетот можат да се класифицираат на повеќе начини: економска, административна и функционална класификација.
Економската класификација е неопходна заради анализа на буџетот и утврдување на улогата на макроекономската и фискалната политика. Главните категории на трошоци се: тековните трошоци, кои вклучуваат краткорочни трошоци за услуги и добра кои се неопходни за спроведување на активностите на владата, и капиталните трошоци, кои подразбираат капитални средства и трансфери.
Административната класификација покажува кој ги троши парите, т.е. трошоците се распоредени според административните единици кои ги користат дадените буџетски средства (пр., Министерство за правда, Министерство за здравство итн.).
Функционалната класификација покажува зошто се трошат парите: здравство, образование, јавен ред и мир итн. Доколку одредени фондови му се доделени на одредено министерство, не е неопходно да се подразбира дека тие се трошат во секторот којшто го покрива тоа министерство. На пример, трошоци за воена здравствена установа се прикажуваат како трошоци на Министерството за одбрана, но базирајќи се на функционалната класификација, тоа се трошоци за здравство, исто како што трошоците за воената академија се трошоци за образование.
Сунчица Саздовска |
|