ИНТЕРВЈУ: ВЕСНА ВЕЉИЌ-СТЕФАНОВСКА, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА МИА
Интеретнички приод и во здравственото просветување
Македонската Интеретничка Асоцијација - МИА во јавноста е позната најмногу по активностите и проектите насочени кон заштита од СИДА и од наркоманијата. Оваа невладина организација на оригинален начин делува на полето на здравственото просветување, а неодамна одржаната парада која под закрила на Денот на вљубените имаше цел да ја зајакне превенцијата од опасната болест СИДА, е еден од алтернативните модуси на МИА во остварувањето на нејзината мисија. Тоа, и не само тоа, е повод за интервју со д-р Весна Вељиќ-Стефановска, претседател на МИА. -------------------------------------------------------------------------------- Маријана Иванова
Г.С. - За почеток, за оние кои се уште не знаат, која е мисијата и каква е поставеноста на МИА како невладина организација која работи на една специфична област? В.В.С. - МИА - Македонската Интеретничка Асоцијација е основана во 1986 година. Мисијата на МИА е делување на полето на здравствено просветување и унапредување на здравјето. Таа е професионална организација во која на различни сегменти работат професионалци од различни области. Организациски е составена од сениорска екипа и подмладок. МИА не е организација која смета за потребно да има големо членство. Напротив концепцијата на остварувањето на нејзините активности се базира на воспоставување на соработка со други невладини организации кои имаат членство а истовремено и потреба од професионална поддршка за проблемите на кои работи МИА.
Г.С. - МИА е посветена на борбата против СИДА-та, а посебно на превенцијата како најсигурна заштита од оваа болест. Кои се основните активности на организацијата на овој план? В.В.С. - Најголемиот дел од активности се насочени кон подигнување на јавната свест за превенција од ХИВ/СИДА и сексуално преносливи инфекции како и генерално репродуктивното здравје. Целна група на делување се младите луѓе, но сепак голем дел од активностите МИА ги фокусира на младите девојки и жени. Во рамките на секојдневните активности на МИА е функционирањето на библиотека за ХИВ/СИДА и сексуално преносливи инфекции. Литературата со која располага библиотеката е на македонски и на англиски јазик, но превод е обезбеден за секој заинтересиран поединец на кого при користењето на литературата тоа му е потребно. Во библиотеката на располагање е и целокупниот сопствен пропаганден материјал со кој располага организација. МИА има и своја ХИВ/СИДА информативна линија на која секој ден од 10-16 часот заинтересираните лица можат да ја добијат саканата информација. За заинтересираните на располагање е и советувалиште со психолог како и можност за кратки едукативни инерактивни работилници на различни теми во врска со ХИВ/СИДА и селсуално преносливите инфекции. На располагање е и нашата веб страница њњњ.миааидс.орг.мк
Г.С. - Секоја организација има свои најдраги проекти, со кои особено се гордее. Кои се таквите проекти на МИА? В.В.С. - Досега МИА има остварено повеќе од дваесетина проекти од кои како посебно драги на организацијата се проектите: "Правата на жената за заштита од ХИВ/СИДА и сексуално преносливи инфекции" во поддршка на Кралската Норвешка Амбасада и во соработка со 24 невладинин организации; "Превенцијата од ХИВ/СИДА во неразвиените заедници" меѓународен проект, поддржан од Европската Комисија а остварен во соработка со невладина организација од Бугарија; "Превенцијата од ХИВ/СИДА наш заеднички предизвик", проект во чии рамки, во соработка со други невладини организации, ги спроведовме кампањите СРЦЕТО Е КРШЛИВА РАБОТА, ЗАШТИТИ ГО - СТОП СИДА и кампањата ВО ИМЕТО НА ЉУБОВТА ЗАШТИТИ СЕ И ПОБЕДИ - СТОП СИДА.
Г.С. - На прв поглед, името на МИА асоцира на нешто поинакво од мисијата, целите и активностите кои ги спроведувате. Како ја гледате врската меѓу интеретничноста и вашите цели и активности? В.В.С. - Многу често ни е поставувано прашањето за името на организацијата. Најголемиот број од луѓето не препознаваат под името МИА и тоа за нас е доволно. Целото име, Македонска Интеретничка Асоцијација во основа значи дека нашата мисија е усмерена кон сите луѓе во Република Македонија, независно од нивната национална припадност. Интересот за подобро здравје е наш заеднички интерес за кој несебично е потребно да делуваме меѓу сите граѓани но и да наидеме на поддршка и заинтересираност од сите нив.
Г. С. - Каква е позицијата на невладините организации, конкретно од областа на здравството, во однос на владиниот сектор? Дали постои соработка со владините тела во оваа чувствителна област? В.В.С. - Невладиниот сектор генерално во Македонија е се уште многу кревок. Многу настани во последните години делуваа на неговиот развој и зацврснување. Свесноста на граѓанството, приватниот сектор како и на владиниот сектор во Република Македонија за значењето на граѓанското општество е се уште на многу ниско ниво. За жал, на ова се надоврзаа и многу негативни атрибути кои провоцираа влошување на јавносто мислење за работата и делувањето на овој сектор. Сето тоа зедно уште повеѓе го усложнуваат развојот на овој сектор. Сепак, во последнив период е забележливо влијанието на еминентните донори во правец на поддржување на активности кои се остваруваат преку соработка на владиниот и невладиниот сектор. Мислам дека веќе и едните и другите имаат позитивно искуство од соработката . Во однос на здравствениот сектор како таков, во рамките на проблемот на ХИВ/СИДА, невладините организации навистина имаат извонредни можности да делуваат на донесувањето на одлуките и креирањето на политиката. Оваа можност за проблемот на ХИВ/СИДА запожна уште од пред три години со воспоставувањето на Тематската група за превенција од ХИВ/СИДА на Република Македонија, во која членуваат преставници од канцалариите на ООН во нашата земја, локални и интернационални невладини организации како и националниот координатор за ХИВ/СИДА на Република Македонија.
Г.С. - Како Македонија како држава се справива со проблемот на СИДА-та и каква е состојбата со оваа болест во нашата држава? В.В.С. - Македонија е земја со званично мал број на случаи со ХИВ/СИДА. Оваа бројка не ја отсликува реалната ситуација во земјата. Во тек е изработката на Националната стратегија за ХИВ/СИДА на Република Македонија за што се спроведуваат студии кои ке укажат на реалната состојба во земјата а се работи и на мултисекторскиот приод кон проблемот. Многу работи до сега се направени во врска со оваа проблематика, но Националната стратегија како таква ќе помогне за точно дефинирање на состојбата во земјата, селектирање на потребните идни активности како и нивно евалуирање. Се очекува таа да биде готова до септември оваа година.
|