НЕШТО НОВО ВО МАРИОВО

Детски камп “Итар Пејо”

- Толку деца, толку веселба, толку убави нешта во Мариово не сме виделе најмалку 30 години - постојано повторуваше осумде­сетгодишната Митра Бибова од село Ста­равина, Мариово, за време на одржувањето на Детскиот камп “Итар Пејо”.

А Старавина и Градешница, двете села каде се спроведуваа активностите од кампот, ечеа од детските гласови, предизвикувајќи голема возбуда и радост кај главно постарите жители од овој, напуштен и заборавен, но извонредно убав и културно богат крај. Децата, облечени во своите жолти маички и капчиња, љубопитно ѕиркаа во камените куќи, развеселувајќи ги старците, разговараа со нив, со внимание ги следеа процесите на стрижење овци, вртење мед, како и исто­риските часови, меѓу кои и оној пред куќата на Калеш Анѓа, каде им беше раскажана приказната за судбината оваа истори­ска личност. Ги запознаа и убавините на Мариово, шлапкаа босоноги во бистрата Градешка Река, посетија дел од многубројните цркви и манастири, големото културно богатство на Мариово. А, с$ што каснаа, беше никнато во овој еколошки извон­редно чист крај - пастрмка уловена во Градешка Река, домашно сирење и зеленчук, дома месен леб...

Вечерите, пак, беа посебна приказна - децата играа на тревата пред оп­штинската зграда на “живата” музика и песната на Соња Лозановска и Драган Мијалковски, на голема радост на локалните жители.

Детскиот камп беше организиран од еко­лош­кото друштво “Кајмакчалан” од Ста­равина, во тесна соработка со локалната самоуправа, локалните жители и други граѓански здру­же­нија (Самаритјанин од Битола, Здруже­ние­то на пчелари и други). Тоа беше проект во рамките на Програмата “Живо наследство” ко­ја во Македонија ја спро­ведуваат Фон­да­цијата Крал Бодуен од Белгија и Фондацијата Институт отворено општество - Македонија. И за мариовци, и за децата, ова беше неза­бо­равно дружење. Си ветија нови средби, а овој настан веројатно ќе биде повод на за­боравеното Мариово да се сетат и многумина други.

М.Иванова