Еколошка негрижа
Загадувачите не се плашат од инспекторските пријави
Прекршочните или кривичните пријави на еколошките инспектори упатени до загадувачите на човековата околина не претставуваат никаква закана. Минатата година, од страна на Државниот инспекторат за животна средина, заради зголемен степен на еколошка деградација на земјиштето, загадување на воздухот, на површинските и подземните води, фрлање смет на несоодветни места и зголемена бучавост, биле поднесени 179 решенија за отстранување на недостатоци, 65 прекршочни пријави. Десет индустриски и угостителски објекти времено биле затворени, а за непочитување на решение на овластен орган била поднесена и кривична пријава. Инспекторатот извршил вкупно 990 контроли на теренот.
Влатко Серафимов, директор на Државниот инспекторат за животна средина, укажува на фактот дека прекршочните пријави за загадувања на животната средина несоодветно се третираат од страна на судовите и најчесто тие предмети застаруваат. Поразителен е и фактот што минатата година до Инспекторатот нема ниту една повратна информација за решен предмет.
„На ова поле, години наназад не е сменето речиси ништо”, вели Серафимов. Знаејќи за судската бавност, загадувачите не се плашат од пријавите што им ги поднесуваат инспекторите. Ниските казни и судската неажурност се во полза на загадувачите. Целата држава ја покриваат вкупно осум еколошки инспектори, што е премалку”
Од Државниот инспекторат за животна средина очекуваат подобрување во работата по децентрализацијата на власта, кога секоја локална самоуправа мора да има и одделение за животна средина, задолжено за откривање на загадувачите на животната средина.
Д.М.
|