ПРОГРАМА ЖИВО НАСЛЕДСТВО

Работилница за старата чаршија...

Работилницата за старата чаршија во Скопје, што се одржа на 18 април годинава, во просториите на Чифте амамот и Домот на занаетчиите, имаше за цел да ги собере сите заинтересирани страни и да поттикне за­едничка акција и стратегија за ревитализација на овој простор. Работилницата е дел од проектот на НИК „Лист“, во рамките на програмата Живо наследство, која во Македонија ја спроведуваат фондациите Крал Бодуен од Белгија и Институт Отворено општество - Маке­донија. Во реализацијата на оваа рабо­тилница, покрај овие две фондации, свој придонес даде и германската фондација Конрад Аденауер.

 



Работилницата се одвиваше под покро­вителство на Министерството за култура и на Собранието на град Скопје. Се работеше во групи, а учес­ниците на крајот се договорија да ја про­должат работата, формирајќи коалиција на засегнатите страни. Беше оформен граѓански комитет кој во наредниот период ќе ги координира активностите околу оформувањето на стратегија за реви­тали­зација на чаршијата, која ќе биде претставена на донаторската конференција за чаршијата, што НИК „Лист“ ќе ја организира наскоро.



... И шест нови проекти

Во рамките на Програмата Живо наследство стартува третата фаза, во која поддршка им е дадена на шест проекти, насочени кон развој на заедниците преку културното наследство како развоен ресурс.

Во Галичник ќе се спроведе проект чија цел е да воспостави Фонд за одржлив развој на галичката свадба, преку изработка и про­дажба на тради­ционалната носија и музички инструменти; во Вранешница, Кичевско, грнчарската заедница ќе спроведе проект за осовременување и попула­ризација на овој занает; во Маловишта, Битолско, ќе се иницира ревитализација на мутафџискиот, ткајачкиот и дрводелскиот занает, а изработените предмети ќе се продаваат во селото и пошироко; во Мариово (Старавина и Гра­дешница) ќе се организира детски камп наречен „Итар Пејо“, со цел децата, нивните наставници и пошироката јавност да се запознаат поблиску со овој лик и со другите културни и природни вредности на Мариово; во радо­вишките села Аликоџ и Ко­џалија, заедницата на Јуруците ќе ги попу­ларизира своите тра­диционални вредности, преку формирање и настапи на фолклорно друштво и изложба на традиционални ракотворби; во Заводот за згрижување на лицата со телесен хендикеп во Бања Банско, Струмичко, ќе се спроведе обука за копаничарската вештина, а изработените предмети ќе се пласираат поши­роко. Во рамките на оваа програма се очекува да бидат поддржани уште два проекти. Проектите на програмата Живо наследство се спро­ведуваат во мали заедници (до 25.000 жители). Досега во Македонија со оваа програма поддршка добија 19 проекти.

М.И.