По одржаната регионална конференција за правна и фискална рамка на граѓанските организации

Јавниот интерес во Македонија не е дефиниран

Подобрувањето на условите за основање и функиционирање на граѓанските организации и нивното усогласување со најдобрите европски практики е тема на којашто изминативе неколку години е многу често дебатирано меѓу претставниците на граѓанските организации, на одговорните државни органи и домашните и меѓународните експерти. Во таа насока беше и дводневната расправа на „Регионалната конференцијата за правна и фискална рамка на граѓанските организации”, одржана на 24 и 25 септември во Скопје, во организација на ФИООМ и на МЦМС, а во рамките на проектот „Поддршка на националниот форум/платформа за граѓанското општество”, финансиран од Европската Унија и раководен од Европската агенција за реконструкција. ЕЦНЛ учествуваше со свои експерти кои ги пренесоа меѓународните искуства.

Имајќи го предвид фактот дека во тек е подготовка на нов текст на Законот за здруженија на граѓани и фондации, на конференцијата се расправаше за прашањата кои во изминатиот период и кои с$уште предизвикуваат внимание и полемика кај експертите, претставниците на одговорните државни органи и практичарите од граѓанскиот сектор.

Четири групи прашања беа клучни:
1. правото на слободно здружување; 2. управувањето во граѓанските организации; 3 директните економски активности; и 4. статусот од јавен интерес.

Исто така, на конференцијата беше отворена темата за директна финансиска поддршка на граѓанските организации од страна на државата, како и за примената на Законот за донации и спонзорства во јавните дејности.

 

1. Правото на слободно здружување беше разгледувано од аспект на три прашања околу кои с$уште постојат различни ставови. Имено, правото на основање здруженија од страна на правни лица, правото на здружување на странците и правото на здружување на малолетните лица се прашања кои во најголем број земји во Европа се одамна апсолвирани. Спротивно на европските практики, рестриктивното толкување на Уставот од страна на некои експерти во Македонија с$уште не ги дозволува овие основни слободи утврдени со Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи потврдени и во пресудите на Европскиот суд за човекови права.    

 

2. Управувањето во граѓанските организации, односно поделбата на извршните и управните органи, беше тема која предизвика значително внимание.

Класичната поделба на органите во западноевропските земји е јасна поделеност на управните од извршните органи, наспроти практиката во граѓанските организации во земјите од централна и од источна Европа каде што овие две функции с$ уште се мешаат или се во надлежност на едно тело.

Постоечките одредби во Законот за здруженија на граѓани и фондации поради неусогласената терминологија создаваат одредени забуни во над­лежностите и јасната поделба на управните и на извршните органи во здру­женијата на граѓани и во фондациите.

Беше истакнато дека во моментов во граѓанските организации во Македонија не постојат механизми за балансирана поделба на моќта за донесување одлуки и внатрешна контрола на работата, иако има поразвиени граѓански организации кои можат да служат како добри примери на воспоставени внатрешни демократски органи. 

 
3. Економските активности се важен извор на средства за граѓанските организации и директно придонесуваат за одржливоста на граѓанскиот сектор. Меѓународна пракса е на граѓанските организации да им се овозможи директно занимавање со економски активности како начин на финансирање на нивните активности. Во сите земји е јасно наведено дека приходите стекнати од економски активности мора да бидат употребени за финансирање на работата на организацијата и не може да бидат дистрибуирани на приватни лица.

Република Македонија е единствена земја во Европа која на граѓанските организации, според законот, не им дозволува директно занимавање со економски активности. 

 
4. Меѓунардното искуство покажува дека во многу земји е позната практи­ката на издвојување на одредени организации кои врз основа на нивните цели и активности имаат определени права, предности и олеснувања, а наедно подлежат на постриктни обврски за одговороност, отчетност и транспарентност. Дефинирањето на јавниот интерес и организациите кои може да се здобијат со ваквиот статус во различни земји различно е регулиран. Најчести корисници на статус од јавен интерес се здруженијата на граѓани, фондациите, други непрофитни форми на здружување (на пример, непрофитни компании во Унгарија или здруженија на единиците на локалната самоуправа во Полска). Не постои пракса за здобивање со овој статус од страна на политичките партии и синдикатите. Најчестите бенефиции за ОЈИ се: даночните олеснувања, државно финансирање, изграден имиџ во јавноста и сл., додека обврските се: построги правила на управување, обврски за од­говорно, транспарентно и отчетно работење, финансиски извештаи и независни ревизии и сл.

Јавниот интерес во Македонија не е дефиниран. Одредби за статус на организација од јавен интерес беа предвидени во предлог-измените на ЗЗГФ од април 2006 година, кои не беа усвоени од Владата и затоа ова прашање е едно од клучните коишто треба да се решат со новите одредби на Законот за здруженија на граѓани и фондации.

Конференцијата заврши со работа во групи каде што беа анализирани искуства во примената на Законот за донации и спонзорства во јавните дејности и понатамошни активности и се разгледуваше прашањето што би требало да се обработи во стратегијата за развој на волонтерство во Република Македонија?