ДОНАТОРИ
ШВАЈЦАРСКА АМБАСАДА
Родовите односи и децентрализацијата – прашања од посебен интерес
Првото претставништво на Швајцарија во Македонија е отворено во 1996 година како Биро за соработка и конзуларни работи. Во 2000 година, делот за конзулрни работи прерасна во амбсада, а бирото за соработка остана да постои како канцеларија за соработка.
Швајцарија е еден од донаторите во Македонија. Проектите што се одобруваат се поделени во две големи групи: техничка и финансиска помош. Фондовите со кои располага амбасадата и кои се распределуваат преку Канцеларијата за соработка се обезбедуваат од министерстовото за надворешни работи чиј составен дел е и Агенцијата за развој и соработка на Швајцарија-СДЦ и од министерството за економија. Средствата од министерството за економија се користат исклучиво во билатералната соработка помеѓу владите на Македонија и Швајцарија, најчесто за инфраструктурни проекти. За другиот дел од средствата, меѓу другите, можат да аплицираат и невладините организации. Целта на донациите на Швајцарија во Македонија е да се олесни периодот на транзиција во кој се наоѓа земјата. Главните области во кои Швајцарија би сакала да види напредок во Македонија и кон кои ги насочува фондовите се: демократизација и развој на граѓанското општество, заштита на животната средина, разрешување на конфликтите, инфраструктура и социјална и економска транзиција. Соработката со невладините организации во Македонија се остварува претежно во првите три области. Така во рамките на демократизацијата и развојот на граѓанското општество е поддржан проектот на Институтот отворено општество-Македонија со кој се направени два ресурсни центри за невладините организации во Велес и во Прилеп, а во рамките на заштитата на животната средина е поддржан проектот на Движењето на екологистите на Македонија (ДЕМ) за развој на биоземјоделието и за заштитата на Пелистер. "Немаме временско ограничување за прием на проектите", ни рече Фросина Георгиевска, службеник во швајцарската амбасада. "Проектите можат да се достават директно во амбасадата или по пошта. Потребно е да бидат напишани на еден од светските јазици". Она што е важно за заинтересираните НВО е дека во периодот од 2001 до 2005 година Швајцарската влада ги одредила прашањата од посебен интерес, тоа се родовите односи и децентрализацијата. "Проектите не мора директно да работат на овие две прашања", ни објасни Фросина Георгиевска, "важно е тие да имаат позитивен однос кон нив." Буџетот на проектите не е лимитиран. Во моментот се работат околу 15 проекти поддржани од Канцеларијата за соработка при швајцарската амбасада чии носители не се само невладините организации.
|