“Месечина” и “Арка” работат на впишување на возрасни во матична евиденција
Луѓето се раѓаат по втор пат, откако ќе добијат лични документи
Бари, Алиса, Џејлан и низа други имиња се само дел од примерите за успешнната работа на ромските информативни центри на хуманитарното здружение Месечина од Гостивар. Тие, иако возрасни луѓе, неодамна добија прв извод од матичната книга на родените и практично се родија повторно. Долги години неевидентирани во ниедна книга, овие луѓе немаа регулиран статус во државата, а тоа не можеле да им го овозможат ниту на нивните деца. На повеќегодишни проекти за вадење лични документи и за пријавување во матичната книга на родените работи и Форумот за правата на Ромите „Арка” од Куманово. Во текот на 2007 г. само во Скопје преку Арка во процедура се внесени стотина деца и возрасни, а според податоците од теренот тоа не е ниту 10 проценти од потребите на ромската популација. До нив секојдневно се обраќаат голем број луѓе со истите проблеми, заради што и во текот на следниот месец ќе се работи на продолжување на проектот со донаторите ИТЗ и УСАИД. Во проектите на Арка се вклучени и кумановските Роми, а соработката е проширена и во Косово и во Србија, заради тесните семејни врски меѓу нив и македонските Роми.
„Арка на проектот за лични документи работи во Куманово и во Скопје. Во текот на последните две години решени се илјадници случаи, но потребата е многу поголема. Граѓанските организации имаат капацитет, но тој процес мора подолго време да биде поддржан од донатори. Постапките во овие градови некогаш траат и со месеци, бидејќи вадиме документи и за странски државјани кои сега живеат во Македонија. Затоа и соработуваме со наши партнерски организации во Косово и во Србија, со што успешно ги решаваме и овие случаи”, вели Рамадан Шакировски, координатор на проектот на Арка во Скопје.
Алиса од Велес, родена во 1983 г., е мајка на три малолетни деца. Таа никогаш не била пријавена дека постои. Денеска е мажена во Гостивар, оформила семејство, ама ниту таа, а ниту нејзините три деца не се пријавени во матичната евиденција. Сличен е случајот и на Џејлан родена во 1990 г. во Скопје во Шуто Оризари. Таа има уште 5 браќа и сестри, но за жал, заради тоа што таа била родена во домашни услови, останала непријавена во матичната евиденција. Денес таа е мажена во Гостивар и е мајка на две малолетни деца.
Бари е еден од повозрасните примери за човек кој не постои во евиденцијата на државата. Тој има 29 години, а непријавена била и неговата сопруга и нивните деца. Бари бил роден дома, што дополнително ги комплицира работите во вадењето на документите, велат во Месечина. За тоа се потребни двајца сведоци кои ќе потврдат дека тој човек се родил во таа куќа, дека е дете на тие родители, а оваа постапка дополнително се комплицира, колку е човекот повозрасен.
Успешни приказни
Денеска сите тројца се дел од успешните приказни завршени со помош на Месечина. Од хуманитарното здружение успеаја дури по повеќе од две години, во соработка со Информативниот центар за граѓанско општество од Скопје, да ја пријават Џејлан и таа да добие извод од матичната книга на родените. Во моментов се води постапка за регистрирање на бракот и за заведување на двете деца, во матичната книга на родените.
Месецина кон крајот на 2006 годиниа, по 6 месеци работа и комуникација со матичното одделение во Велес, за прв пат успеа да ја пријави и Алиса дека постои во овој свет. Таа денеска има извод од матичната книга на родените, лична карта, венчана е со сопругот, а и нејзините три малолетни деца се пријавени и поседуваат изводи. Пријавен е и Бари, како и неговите деца.
„Процесот на пријавување во матичната книга на родените е долг, бара многу финансии, коишто овие луѓе кои живеат во сиромаштија ги немаат. Правна помош, како и пари за целиот процес добиваат од хуманитарното здружение Месечина, кое на овој проблем работи повеќе години”, вели Мухамед Точи од Месечина.
Причини за оваа состојба има повеќе, објаснува Точи. Најголемиот број од Ромите се написмени и не успеваат навреме, во законскиот рок, да ги пријават новородените. А, откако рокот ќе помине, тие се плашат од трошоците и казните кои не можат да ги платат. Има и такви кои и самите не се пријавени, па не можат да извадат изводи ниту за децата, па не знаат од каде треба да почнат.
„Месечина веќе подолго време се соочува со сите овие примери за кои веруваме дека не треба да бидат работа само на граѓанските организации, туку на социјалните служби на државата. Особено проблемот се комплицира кога овие деца или возрасни никогаш во животот немале ниту здравствено осигурување, ниту пак биле вклучени во образовниот процес. Законите јасно кажуваат, не постои пречка, па ниту фактот што не поседуваат извод од матичната книга на родените, за да немаат здравствена книшка, или пак да одат во училиште. Македонија има добри закони, но не се почитуваат доволно”, вели Точи.
Сепак, и покрај големиот број успешно решени примери, во Арка посочуваат дека има и такви за кои треба многу време и работа, а сепак нема гаранција дека ќе бидат решени. Примерот со девојка од Скопје, која не знае кога е родена, а тоа не можат да го потврдат ниту нејзините родители, не е единствен. Таа во моментов е во процедура за вадење извод од матичната книга на родените, но многу е тешко да се докаже нејзиното потекло и возраста. Тоа единствено може да се реши со ДНК-тест, кој е многу скап.
Нови услови за вадење документи
Проблемот со вадењето на изводите во последно време дополнително се компликува и со барањето на матичните служби за ДНК-тест за сите случаи во кои децата се родени во домашни услови. Според објаснувањето на државните служби, изјавите од сведоците не се доволни. Ова не само што ќе ја одолжи постапката за вадење на потребните документи, туку и ќе чини многу повеќе, бидејќи ДНК-тестот во МАНУ се плаќа 6.000 денари, додека пак во Клиничкиот центар е седумпати повеќе. Овие суми ја надминуваат финансиската моќ и на граѓанските организации Месечина и Арка, заради што решението ќе се бара во барањето донатори кои ќе ги покриваат овие трошоци.
„Постапката не е толку комплицирана доколку детето е родено во болница. Во тој случај, иако не е повеќе години пријавено во матичната евиденција, болниците чуват податоци за новородените и за нивните мајки. Во овие случаи, потребни се само неколку месеци за да се извадат сите потребни документи за прво пријавување во книгата на родените и, се разбира, помалку финансии”, нагласува Точи. Тој смета дека добро би било и училиштата да се вклучат во овој процес со тоа што ќе го почитуваат законот и ќе обезбедат секое дете од 7 до 18 години да се вклучи во образовниот процес. Тоа ќе го поедностави понатамошното вадење на потребните докуманти за овие деца, со оглед на тоа дека ДНК-тестот нема да биде веќе потребен.
„Ваквата помош од Месечина им е неопходна и на многу други семејства и индивидуи кои с$ уште не се заведени во матичната книга на родените. Помошта со која треба да се разрешува овој проблем не е само одговорност и задача на граѓанските организации, тоа е задача и морално разбирање на фактичката состојба и на самата држава, во чиј интерес е да има повеќе граѓани со регулиран статус. Лошо е што постапката понекогаш толку се комлицира, што на луѓето им се влева страв кој придонесува до нивно откажување во постапката”, вели Точи.
|
|