НАСТАНИ

ДЕМОКРАТИЈА И ЧОВЕКОВИ ПРАВА

УЛОГАТА НА НВО ВО КРИЗНИ СИТУАЦИИ
Да се искористат сите потенцијали

НВО треба да ја запознаат државната и локалните власти со своите капацитети и можности и да побараат од нив да ги одредат деловите во кои „невладините” можат да помогнат на локално, регионално или национално ниво.

Работната група под наслов „Улогата на НВО во кризни ситуации во рамките на Средбата градење мрежи, што неодамна ја организираше Институтот за трајни заедници од САД, започна со неколку тези за тоа што може една НВО да направи во кризни ситуации во државата: да мирува и да ја следи ситуацијата и притоа да не превзема никакви активности; да ги следи настаните и да се активира тогаш кога смета дека може да даде придонес; да се приклучи кон некоја посилна организација (финансиска, човечки и материјално), поискусна од работата од таа област; да делува сама без притоа да сноси одговорност за грешките кои што ги предизвикала друга НВО, или пак да делува координирано со сите НВО на локално, национално, државно и регионално ниво, без разлика на нивната моќ (финансиска, човечка и материјална).
На оваа работна средба, на која учествуваа 15 здруженија на граѓани од различни профили од Македонија, се дискутираше за овие опции на делување, како и за останатите можности кои на „невладините” им стојат на располагање во период на криза во државата.
Од средбата, произлегоа неколку интересни ставови и дефинирани потреби и можности. Пред се, важно е да се дефинира прецизно поимот „кризна состојба”. Потоа, да се избегне етикетирање на НВО, да се задржи објективноста и неутралноста во однос на партиската обоеност. Во дискусијата имаше мислења дека е возможна и во некои случаи и пожелна конструктивна соработка со сите релевантни политички партии, а кога се зборува за политичка неутралност на НВО, се поставува прашањето дали се прави разлика меѓу лобирањето и политичката поддршка на одделни политички партии.
Понатаму, невладините организации сметаат дека е потребно да се изгради стратегија на делување на секоја НВО во кризни ситуации, која ќе ги определи полињата на делување во актуелната ситуација, ќе ги систематизира работните задачи на одредени личности, објективно ќе ги процени можностите, ресурсите (човечки, финансиски, материјални) и идеите на секоја организација и слично.
Потребно е, исто така, да се разгледаат причините за кризата и конкретно да се делува за сузбивањето на промоторите на кризата, како и, што е многу важно, да делуваат превентивно во моментот кога ќе се оцени дека постои потенцијален проблем од поширок карактер кој понатаму би можел да предизвика кризна ситуација.
Потребно е и здружување на невладините организации, заради зајакнување на НВО секторот, заради заедничко координативно дејствување на локално и националоно ниво, настапи пред медиумите за да не дојде до објавување на дезинформации, како и заради јакнење на јавната свест во општеството.
Исто така, НВО треба да ја запознаат државната и локалните власти со своите капацитети и можности и да побараат од нив да ги одредат деловите во кои „невладините” можат да помогнат на локално, регионално или национално ниво. На крајот, НВО на оваа средба се сложија дека е потребно строго дистанцирање и прекинување на односите со сите здруженија на граѓани кои делуваат спротивно на Уставот и законите на државата.