Скопје

“Еко мисија” бара Водно да биде споменик на природата

Еколошкото друштво „Еко мисија” побара вистинска заштита на парк-шумата Водно од урбанизацијата и сите други видови агресија во природната средина. Екологистите бараат да се напушти идејата за градење пат преку парк-шумата кон населбата Сончев град, како и запирање на иницијативата за изградба на македонското село во близина на манастирот „Свети Пантелејмон”. „Еко мисија” бара и физичко обележување на границите на парк-шумата Водно, за да биде полесно видлива секоја узурпација на заштитеното подрачје. Потребно е и редефинирање на статусот на парк-шумата согласно со новиот закон за животна средина.

Тие предлагаат Водно да биде во најмала рака споменик на природата и да биде вистински заштитено место. Иако урбанизацијата е најголемото зло што му се случува на Водно, сепак тука се случуваат бројни прекршувања на законот. Претседателот на „Еко мисија”, Петар Бошевски, ги потенцира експлоатацијата на камен, берењето шумски плодови и билки, пасењето добиток, копањето плодна земја и друго. „На сето тоа треба да му се застане на патот, а чуварите од ’Паркови и зеленило’ немаат можност ни да изречат казна”, вели Бошевски. Нивните пријави против прекршителите завршуваат по фиоки, без воопшто да дојдат до судот.

Засега, само на мапи и во Генералниот урбанистички план обележани се границите на градското урбано подрачје и на Водно, но на теренот тоа никој не го забележува. „Еко мисија” предлага поставување столпчиња на одредена далечина со што и на граѓаните, но и на узурпаторите ќе им биде јасно до каде е шумата. За еколозите дискутабилна е и локацијата на новите згради над хотелот „Панорама”, за кои сметаат дека не се соодветни градби за премин од урбано подрачје во заштитена зона. Истото се случува и во општината Карпош, каде е лоцирано шпанското село. „Од заложби за рушење, сега слушаме идеи за легализација”, велат во „Еко мисија”, што само ги поттикнува потенцијалните узурпатори и понатаму да го уништуваат Водно. 

С.Н.