ПЕРСПЕКТИВА

Образование за жените Албанки

Здружението на жените Албанки „Перспектива” од Скопје свечено ги додели свидителствата за завршено основно четиригодишно образование за 39 жени Албанки од Скопје, во ОУ „Лирија”, каде што и најголемиот дел од жените го поминаа курсот.

„Бројот на неписменоста кај женската албанска популација во Македонија е голем. Се потрудивме, колку што можеме, да ја ублажиме таа состојба. Изготвивме проект со кој од надлежното Министерство за образование побаравме дозвола да организираме настава за основно четиригодишно образование преку специјализираното училиште „Макаренко”. Проблем беше што тоа училиште врши описменување од четврто до осмо одделение, но се изборивме обуката да започне до четврто одделение, па потоа продолжуваме и понатаму, истакна Нурие Селими, претседателката на Перспектива.

Жените се на возраст од 13 до 49 години. Повеќето од нив се со оформено сопствено семејство, па според нивните кажувања најтешко им е гога ќе треба да им помогнат на своите деца во совладувањето на училишните обврски.

„Ќерка ми учи во ова училиште. Еден ден таа ми кажа дека имам можност, преку Перспектива, да отпочнам да се стекнам со основно образование. Ќе продолжам со изучување на целото основно образование, па потоа ќе изучувам и некој занает.” – беа зборовите на Џевахира Алиу.

Ова е вториот дел од проектот „Описменување млади девојки и жени Албанки” на Перспектива. Претходната група беше составена од жени од скопските населби Методија Андонов Ченто, Гази Баба, Дижонска, Серава и Чаир. Проектот е поддржан од МЦМС.

Д.М.