ПРЕТСТАВУВАЊЕ
ИКОН
Градење на мултиетничката култура
Асоцијацијата за култура ИКОН од Скопје е формирано во август 1999 година, со основна цел да допринесе во градењето на граѓанското општество преку областа на културата. Целите на ИКОН се афирмација на македонската култура и на другите култури во Република Македонија, како и градење на меѓуетничките односи со проекти од областа на културата, преку кои ќе се афирмираат уметници од сите националности во нашата држава. На тој начин, преку културата, ИКОН придонесува во градење на систем на доверба и пријателство меѓу различните етноси во Македонија.
- Слабо се познаваме меѓусебе и затоа сметаме дека преку оваа област најлесно може да се делува за меѓусебното запознавање - вели г. Климе Коробар, претседател на ИКОН. - Во 1999 година, заедно со Лајонс клубот "Вардар" и Културно-уметничкиот центар (КИЦ), ја организиравме мултиетничката колонија "Заедно", чија цел беше подобрување на меѓуетничките односи и афирмација на мултиетничката култура. Се здобивме со знаења за ликовни уметници од другите националности. Дотогаш, немавме јасен увид за делување на уметностите од другите националности во Македонија. Во мај годинава во ДЛУМ, ИКОН организираше изложба во рамките на проектот "Сува игла", на која изложуваа ликовни уметности од сите националности, кои работат со оваа специфична техника. - Во подготовка е еден проект за младите слепи лица, со наслов "Види го твојот град и допри го твоето културно богатство", со поддршка од Институтот Опворено општество Македонија и Про Хелвеција. Ќе бидат изработени релјефни цртежи на најважните објекти во градот, а за нив ќе се одржат предавања. Тие ќе бидат проследени и со копии на експонати на археолошки дела и други уметнички дела, со кои ќе бидат запознавани слепите лица. Си што ќе се изработи во рамките на овој проект, ќе му биде подарено на Заводот за лица со оштетен вид како средство за натамошна едукација, вели г. Коробар. Во моментов, ИКОН ја организира изложбата по повод 26 јули, Денот на солидарноста, во Музејот на современата уметност, која ќе трае еден месец и на која учествуваат уметници од различни националности како и уметници од интернационалната заедница кои живеат во Македонија.
М.И.
|