21 септември - Меѓународен ден на мирот

Загриженост поради присуство на оружје во земјата

Невладината организација „Цивил” и годинава го одбележа Меѓународниот ден на мирот - 21 септември, изразувајќи загриженост за присуството на оружјето во земјава. „Во Македонија има околу 330 илјади парчиња оружје, од кои 170 илјади е нелегално оружје. Може и да претпоставуваме дека се работи за половина милион парчиња оружје, но проблемот е тоа што оружјето излезе на улиците”, рече Џабир Дерала, претседател на невладината „Цивил”, на одбележувањето на Меѓународниот ден на мирот, кој го одбележуваат во соработка со француската невладина организација  „Каритас-Франција”. Дерала посочи дека според неговите податоци сите оние кои поседуваат оружје, чуваат најмалку по едно парче оружје во своите домови. „Посегнувањето по оружје стана култура на нашето живеење. На граѓаните им е нормално да држат оружје в рака. Затоа, потребно е систематско решавање на проблемот”, смета Дерала. Тој потенцира дека бројот на оружјето можеби не се зголемува, но неговата употреба с$ повеќе се зголемува.

Во рамките на овогодинешната кампања се одбележува и месецот на мирот, а се организираат повеќе културни манифестации. Кампањата за промовирање на мирот годинава почна со одбележување во Тетово каде се одржа ликовен настан, а ќе продолжи во сите градови низ Македонија. Како дел од кампањата ќе се дистрибуираат и мировни флаери низ целата земја на сите манифестации коишто ќе бидат организирани во чест на меѓународниот ден на мирот.

„Нашиот апел е дека за мир се потребни храброст, сила и мудрост. Тоа е долготраен процес, но тој води кон благосостојба, среќа и достоинство”, истакна Дерала. Тој наедно упати апел до сите политичари и јавни личности да дадат свој придонес во одбележувањето на Месецот на мирот. Во рамките на Месецот на мирот, кој трае до 21 октомври, ќе бидат организирани четири работилници во коишто свое учество ќе земат децата и младите луѓе низ ликовни, литературни, музички и театарски манифестации под заедничкото име „Уметност против оружјето”. Резултатите од Месецот на мирот ќе бидат презентирани на фестивалот „Неограничен мир”, кој ќе се одржи од 25 до 29 октомври.

Меѓународниот ден на мирот се одбележува и во другите земји како ден на глобалниот прекин  на огнот и насилството.

Ж.Ѓ.