Тивката аукција во Паркот на толеранцијата

За Специјалната олимпијада собрани 38.900 денари

„Еднакви можности за сите деца да се занимаваат со спорт” беше мотото под коешто во Паркот на толеранцијата, по третпат, претседателот Бранко Црвенковски и претставници на дипломатскиот кор во земјава заеднички го одбележаа Денот на пролетта. Традиционално, дипломатите кои престојуваат во земјава садеа дрвца, секој од земјата од каде што доаѓа. Во акцијата се вклучија амбасадорите на Бугарија, Виетнам, Германија, Египет, Индија, Кина, Мароко, Молдавија, Романија, Русија, Србија, Црна Гора, Швајцарија и Шведска. Им се придружија и претставнци на голем број меѓународни организации, како ОБСЕ, УНЦХР, УНДП УНИЦЕФ и многу други. Се одржа и тивка аукција, на која учесниците кои најнапред донираа пари на влезот на Паркот купуваа најразлични предмети и детски цртежи. Од продадените предмети и донираните финансиски средства во кутиите беа собрани 38.900 денари. Средствата се наменети за Фондот за Специјалната олимпијада. На манифестацијата учествуваа и поголем број граѓански организации и 350 деца. Организаторт на манифестацијата беше кабинетот на претседателот Бранко Црвенковски и Центарот за институционален развој ЦИРа.

С.К.