Форум НВО и сиромаштијата - што можеме да сториме?
Како невладините организации можат да придонесат за намалување на сиромаштијата, на глобално и на локално ниво? Дали нашите активности имаат влијание врз овој голем проблем што ја притиска и нашата земја, како и многу други во светот? Што можеме да сториме? Ве повикуваме на дискусија на оваа важна тема на Форумот на “Граѓански свет”. Проследете ги вашите размислувања на оваа тема на веб-страниците на “Граѓански свет”: www.graganskisvet.org.mk и www.civicworld.org.mk, а притоа ве замолуваме да се јавите со вашето полно име и презиме, и евентуално да посочите во која организација членувате. За да ја поттикнеме дискусијата, претставуваме неколку размислувања на оваа тема на лица активни во невладиниот сектор:
Тетјана Лазаревска, МРФП: Постојат два аспекти за намалување на сиромаштијата каде можат да се ангажираат невладините организации - првиот е нивниот хуманитарен ангажман, односно посредувањето околу хуманитарната помош. Но, тоа не го решава проблемот на сиромаштијата долгорочно. Такво, долгорочно решавање на овој проблем нуди спроведувањето на програмите за кредитирање на микро и мали претпријатија, особено на оние кои обезбедуваат самовработување и вработување на други лица. Паралелно, со тоа оди и потребата од едукација како да започнат, како да го организираат и како да воспостават успешен бизнис.
Љупчо Меловски, Македонско еколошко друштво: Онака како што се поставени и како што работат невладините организации во Македонија, во моментов, не можат многу да сторат за намалување на сиромаштијата. Бидејќи, во најголем процент, нашите невладини организации немаат јасно поставени цели, немаат стратегија. Најчесто, тоа се групи луѓе кои се собираат за да реализираат некој проект. Не се размислува долгорочно и стратешки, а така не може речиси ништо да се стори за намалување на сиромаштијата.
Анета Илиевска, ЕРИНА: Мислам дека невладините организации можат многу да придонесат во намалувањето на сиромаштијата, и тоа преку сите области во кои делуваат. Оние кои работат во областа на животната средина, можат да понудат решенија за заштеда на енергија, за рециклирање на материјалите, за искористување на нус-производите од индустријата - со тоа се зајакнува државата и се подигнува општиот стандард. Оние кои работат во областа на здравството, можат да ја подигнат здравствената едукација, да делуваат превентивно кај многу заболувања, а со тоа повторно се намалуваат трошоците и на државата, а и на поединците за лекување. Можности има многу, и треба многу да се работи, на различни полиња, за нашата општа добробит.
ОД МИНАТОМЕСЕЧНАТА ДЕБАТА Какви се искуствата од НВО Саемот?
Марија Савовска, ФИООМ: Во споредба со минатогодишната саемска манифестација, годинешниов НВО Саем беше содржински побогат, имаше повеќе простор за дискусии, дебати, обуки. Иако имам впечаток дека минатата година имаше поголема посетеност. Што се однесува до значењето на НВО Саемот за граѓанскиот сектор, тоа несомнено е големо. Тоа е можност невладините организации да се сретнат, да видат кој што работи, на некој начин да се евалуираат. Исто така, и да се претстават пред јавноста, што е многу важно бидејќи обично невладините организации немаат доволно развиени односи со јавноста. Сметам дека НВО саемот треба да се одржува редовно, еднаш годишно.
Светлана Јанева, СОЖМ: НВО Саемот беше многу корисен за невладините организации и воопшто за развојот на граѓанското опште-ство во Македонија. Невладините организации добија можност да покажат што прават, како тоа го прават, а јавноста, граѓаните, да се запознаат со овој сектор. Со тоа се поттикнува и интересот за поголемо вклучување во невладините организации. Она што мене ми остави впечаток беа пленарните сесии и дебатите, на кои беа отворени теми што во моментов треба да се дискутираат во Македонија.
|