НАСТАНИ 
ДЕМОКРАТИЈА И ЧОВЕКОВИ ПРАВА  

ЕВРОПСКА ИНИЦИЈАТИВА ЗА ДЕМОКРАТИЈА И ЧОВЕКОВИ ПРАВА

Европската Комисија ќе финансира 20 проекти на здруженија на граѓани и институции во Македонија, во висина од вкупно 518.000 евра, во рамките на Европската Иницијатива за демократија и човекови права, чиј технички аспект го координира Македонскиот центар за меѓународна соработка. Проектите кои ќе бидат поддржани беа објавени на свеченоста во Музејот на Современа уметност во Скопје, од страна на амбасадорот на Европската Комисија во Македонија, г. Жозе Мануел Пинто Тешеира, на 9 мај, денот на Европската Унија.

По конкурсот, кој беше објавен во февруари годинава, пристигнаа 274  проекти. Избрани се 20, од кои четири како продолжение на веќе започнати проекти финансирани од Европската Комисија.
Процесот на евалуација на проектите, се до нивното проследување до Европската Комисија, каде беше донесена конечната одлука, се одвиваше во три насоки: прво, беше проверувана подобноста на проектите (113 проекти беа оценети како неподобни); понатаму, подобните проекти беа оценувани од четири експертски тимови; по што конечно, следуваше третата фаза, односно евалуциониот панел. Беа организирани две панел-средби со членовите на експертиските тимови и претставници на Европската Комисија и МЦМС. По двете средби, беше утврдена листа од 25 приоритетни проекти, кои и беа понудени на натамошна оценка на Европската Комисија, која од нив избра 20 за поддршка.  

Кои се одобрените проекти?
Ги претставуваме 20-те проекти од Програмата за мали грантови кои во рамките на Европската Иницијатива за демократизација и човекови права ќе бидат финансирани од страна на Европската Комисија:

1. Хуманитарно добротворно здруженое на Ромите „Месечина” од Гостивар, во партнерство со Министерсрвата за образование и за труд и социјална работа, аплицираше со проектот „И ние сме за заштита и примена на човековите права”. Активностите на овој проект ќе опфаќаат едукација и промоција на човековите права меѓу ромската популација, преку информативни материјали, тркалезни маси, медиумска кампања и лобирање.

2. Организација на жените од Тетово аплицираше со проектот „Прекршување на детските права на почетокот на новиот милениум”, кој има за цел да ја подигне свеста за детските права во општеството преку работилници во кои ќе учествуваат деца од 14-17 годишна возраст, наставници, родители и вработени лица опд различни националности, истражување и продукција на билтен.

3. Здружението за поддршка на семејства и ризични семејства „За среќно семејство”, преку својот проект „Мостовите за меѓукултурно разбирање се изградени од комуникација, толеранција и меѓусебна доверба и почитување во демократското цивилно општество”, има за цел да испита колку луѓето од различни култури во Македонија се почитуваат и познаваат меѓусебно и своите обичаи. Проектот ќе опфати и одржување на работилница и продукција на билтен.

4. Македонско-италијанскиот совет за солидарност ќе го спроведе проектот „Воведување на работилници за цивилно образование во центрите на РОШ во Шуто Оризари, Скопје и „Братство – единство”, Тетово. Основите на цивилното образование ќе им бидат понудени на деца и адолесценти, Роми, на возраст од 15 до 20 години.

5. Проектот „Евро-дијалог” на Универзитетска издавачка куќа „Студентски збор”  има за цел да помогне во спроведувањето на процесот на македонската интеграција во Европската Унија, преку четири изданија на списанието „Евро-дијалог”, тркалезни маси, панел-дискусии и ТВ емисии.

6. Центарот за етнички релации на Институтот за социолошки и политичко правни истражувања ќе го спроведе проектот „Нашите идни лидери – катализатори на толеранцијата – воспоставување дијалог меѓу младинските организации на политичките партии”. Проектот има за цел оформување форум за дискусија меѓу младинските претставници на политичките партии, анализи, средби и брошури во таа насока.

7. Нансен дијалог центарот, со проектот „Мостови во демократската структура”, е насочен кон младите луѓе, кои ќе учествуваат на Летни школи за човекови права, интеркултурно учење, комуникација и дијалог. Младите ќе бидат едуцирани за тренери, а ќе бидат испечатени и две публикации.

8. Организација на жените од Крива Паланка аплицираше со проектот „Информативни центри за едукација и правни совети на жените во транзиција”. Проектот ќе овозможи давање правни совети, предавања и лобирање за проблемите: трговија со жени, кријумчарење на дроги, злоупотреба на жени, дрога и алкохол.

9. Здружението за менаџмент консалтинг ќе го спроведе проектот „Електронски градски совет” чија основна цел е да се зголеми демократичноста преку обезбедување транспарентност на работата на градската управа - ќе биде оформен „електронски градски совет”, интернет киоск и компјутеризирана административна канцеларија.

10. Советот за превенција на младинската деликвенција ќе работи на проектот „Реформи на правниот систем за криминалот и посебно правата на осудените лица и нивно казнување”. Проектот има за цел подготовка на закон за измени и доплнувања за реформа на постојниот закон за казнување на осудените криминалци.

11. Организацијата на албанската жена за социјални и хуманитарни проекти – „Перспектива” аплицираше со проектот „Човечките права на жената за здравствена едукација”. Проектот ќе се спроведува преку тркалезни маси во руралните средини во скопско, посети на домовите и овозможување лекарски прегледи.

12. Здружението ВИТРА ќе го спроведува проектот „Стоп за трговијата на жените”, со цел да ја зајакне свеста за овој актуелен проблем. Ќе биде објавена брошура, организирани работилници и професионален семинар, и креирана веб-страница за проблемите на жената во Југо-Источна Европа.

13. Лигата на албанската жена во Македонија – огранок Чаир аплицираше со проектот „Женските права се човечки права” кој се однесува на подигањето на свеста на жената во руралните и приградските средини.

14. ФОРУМ – Центарот за стратешки истражувања и документација ќе работи на проектот „Културата на законот версус корупцијата”, чија цел е воведување на културата на законот и доброто владеење наспроти корупцијата, преку едукција на на граѓаните со помош на тркалезни маси, работилници, средби, медиумска кампања.

15. Проектот „Јакнење на капацитетите за инклузивна партиципаторна демократија” на Локалната агенција за демократија – Охрид, има за цел преку ТВ дебати, тренинзи, дебати, да помогне во развојот на либералната демократија и плуралистичкото општество.

16. Центарот за криминологија на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања, ќе работи на проектот „Жени во затвор – тривијализирана група”. Проектот ќе опфати истражување за криминалитетот кај жената, за подобрување на третманот на жената во затвор и за нејзина подобра интеграција во општеството по ослободувањето.

17. Центарот за мултикултурно разбирање и демократија ќе го спроведе проектот „Едукација на млади активисти на НВО”, кој ќе опфати 10-дневна тренинг сесија за млади од средните училишта, идни активисти на НВО.

18. Здружението на овчарите „Повардарие” ќе работи на проектот за реорганизација и модернизација на здружението, преку едукација на членовите за спроведување на нивните човекови и граѓански права и промоција на предностите на здружението, преку тркалезни маси, билтен, радио и ТВ емисии.

19. Здружението Полио Плус – Постполио група за поддршка ќе го спроведе проектот „Да си погледнеме право во очи” чија цел е да ја алармира јавноста за губењето на правата на хендикепираните лица и за наоѓање начин за спроведување на нивните права. Проектот опфаќа истражување, кампања за подигање на свеста и лобирање за овој проблем.

20. Едукативниот истражувачки центар за  урбана култура ќе работи на проектот за развување на урбаната култура, во функција на подготовка на младата популација за живеење во демократско општество, а ќе опфати програма за цивилна едукација.